„СПОРТМЕДИА“ СО СТРУЧНИ КОМЕНТАТОРИ ЗА МУНДИЈАЛОТ

Лекиќ: Македонија ќе живее за ракометот

„Не знам каков ќе биде настапот на Македонија, јас се надевам дека ќе биде успешен. Но, со сигурност можам да кажам дека Македонија во овој период ќе живее за ракометот" изјави ракометарката на Вардар

објавено: 11 јануари 2017 - 18:50

Ракометниот Мундијал во Франција ќе биде едно од главните спортски случувања во наредниот период. 

Секако за нас најинтересни ќе бидат натпреварите на Македонија која тргнува веќе утре. „Спортмедиа" обезбеди четворица стручни коментатори, кои што ќе ги анализираат нашите натпревари во групата „Б". Денеска ќе претставиме двајца од нив.

Честа да ја „отвори" оваа рубрика ја има Андреа Лекиќ. Една од најдобрите ракометарки на нашиот шампион Вардар ќе ги анализира средбите против Шпанија и Исланд.

„Јасно е дека Франција е фаворит број еден. Мислам дека за тоа можеме да се согласиме речиси сите. Имаат навистина моќна репрезентација и се освен нивна победа може да се смета за мала сензација" изјави Лекиќ.

 

„Сепак, тука е и Данска. Затоа најреално за очекување е Франција и Данска да ги одмерат силите во финалето. Но, ќе видиме. Ракометот е полн со изненадувања и би сакала да има такво некое и на овој Мундијал".

Сосема очекувано следеше и прашање за тоа што мисли околу настапот на Македонија.

„Се надевам дека Македонија ќе одигра добар турнир. Не знам каква е ситуацијата со атмосферата во националниот тим, но, верувам дека е добра. Македонија има врвни ракометари и за тоа мора противниците да бидат свесни. Во секој случај, сигурна сум во едно а тоа е дека целата држава ќе застане позади ракометарите и ќе ги бодриме. Македонија во наредните денови ќе живее за ракометот" додаде Андреа.

Најново во Ракомет