ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА ПОТВРДИ

„Бесни сме и разочарани од ЕХФ, Металург оваа сезона не се откажува од ЛШ“

Сосема очекувана одлука,  вториот македонски претставник и оваа сезона ќе биде дел од Лигата на шампионите и покрај големото разочарување по одлуката на ЕХФ во врска со случајот Немања Обрадовиќ.   

објавено: 13 септември 2017 - 13:17

Сосема очекувана одлука, вториот македонски претставник и оваа сезона ќе биде дел од Лигата на шампионите и покрај големото разочарување по одлуката на ЕХФ во врска со случајот Немања Обрадовиќ. Арбитражата пресуди во корист на српскиот бек, а тимот од Автокоманда веднаш испрати соопштение во кое најави дека ќе размисли во иднина дали ќе биде дел од Лигата на шампиони.

Но, за „металурзите" се добро познати санкциите со кои ќе се соочат доколку го сторат тоа буквално во предвечерието на почетокот на новата сезона. Дел од казните се парична, 25.000 евра, како и забрана за настап во рок од две години на сите европски клупски натпреварувања.

„Изнесеното во соопштението се однесува за во иднина, односно за следната сезона. Свесни сме за последиците што би ги претрпел клубот доколку направи таков потег сега. Бесни сме и разочарани од односот на ЕХФ кон клубовите кои се дел од Лигата на шампионите. Колку за споредба, имаме една СЕХА-лига, која е и подобро организирана, каде што сѐ е платено и која прави сѐ за да ги направи клубовите задоволни, а во Лигата на шампионите, која треба да биде елита, сѐ е од позиција на сила. Самите на себе си се контрадикторни и бараат клубовите да ги почитуваат нивните правила, а тие не го почитуваат она што сами го пропишале. Во тој контекст, верувам дека во иднина, не само Металург туку и други клубови ќе го преиспитаат своето учество", објасни претседателот на Металург, Зоран Цветановски за „Македонски спорт“.

Екипата на Металург во првиот меч од новата сезона во ЛШ го игра во сабота кога му гостува на Монпелје.

 

Најново во Ракомет