НИКАКО ДА ИМ ТРГНЕ

Брестовац поцрвене, Металург „изгоре“ во Данска

Металург и натаму без победа сезонава во Лигата на шампионите, но и во СЕХА-лигата. Новиот пораз на македонскиот вицепрвак му го нанесе Силкеборг, на домашен терен славеше со 33-25 (16-14).

објавено: 7 октомври 2018 - 16:39

Ниту во Данска не се промени ништо. Металург и натаму без победа сезонава во Лигата на шампионите, но и во СЕХА-лигата. Новиот пораз на македонскиот вицепрвак му го нанесе Силкеборг, на домашен терен славеше со 33-25 (16-14).

Слично како и на претходните натпревари, тимот од Автокоманда беше одличен противник во првото полувреме, во кое имаше и водство од два гола 10-12 во 12. минута, по негативата од 16-14 на полувремето следеше пад во играта. 

Црни десет минути за Металург без погодок, домаќинот поведе со највисоки 24-17 во 48. минута. Данило Брестовац повика тајм-аут, по кој целосно загуби контрола. Отиде кон записничката маса и сета нервоза ја истури врз официјалните лица. Брестовац не беше задоволен од одлуката на арбитрите, очекуваше арбитрите да досудат исклучувачка кај противникот. Очекувано, тренерот на Металург доби црвен картон и мечот го следеше од трибините. 

Бродот на Металург почна да тоне се подлабоко, во 51. минута беше 27-18. До крајот домашниот состав имаше рутинска задача.

Халил Јагањац со 10 погодоци од 11 обиди беше прв стрелец на мечот, Анте Токиќ имаше четири гола. 

Во следното коло, македонскиот тим го чека уште една тешка задача, му гостува на Чеховски Медведи, дуелот се игра на 13. октомври. 

 

Најново во Ракомет