„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ПО ТРЕТОТО КОЛО СЕ ЕДИНСТВЕНИ

ЧЕКОРАТ ПО СТАПКИТЕ НА ПРВАКОТ: Вардарки во одбрано друштво

По комплетирање на третото коло во Лигата на шампионите, ЖРК Вардар заедно со Метц се единствените екипи без пораз и со максимален ефект од три победи во исто толку одиграни натпревари.  

објавено: 23 октомври 2017 - 10:40

Пред стартот на сезоната, ракометарките на ЖРК Вардар најавија дека нивната цел е да го повторат успехот на машкиот тим на „црвено-црните“, оваа сезона конечно да се искачат на европскиот трон. Ова засега одлично им оди. Ако се суди според првите три одиграни натпревари, избраничките на Ирина Дибирова имаат големи шанси по Кометал Ѓорче Петров да станат вториот женски македонски тим кој се закитил со пехарот во елиtното натпреварување.

Сето ова доаѓа поткрепено со фактот дека ЖРК Вардар заедно со Метц се единствените две екипи од четирите групи кои немаат пораз во Лигата на шампионите, нивниот скор е „три од три“. Вардарки најпрво на домашен терен му одржа лекција на Ференцварош, а потоа на гостувањата кај Турингер и Ларвик демонстираше сила, зрелост и моќ.

Тука не застануваат одличните бројки, ЖРК Вардар го има вториот најдобар напад (по Ференцварош), во досегашниот дел од сезоната имаат постигнато 94 гола, односно 31,3 погодоци во просек. Ниту одбраната не е за „фрлање“. На три меча примија 71 гол или во просек 23. Од главните конкуренти за освојување на титулата, подобра дефанзива од има ЧСМ Букурешт и Ѓер, додека Метц е на исто рамниште со македонскиот шампион. 

Во следното коло, ЖРК Вардар повторно ќе ги одмери силите со Ларвик, но овој пат на домашен терен. Ова треба да биде нова лесна задача, особено по одличната партија во саботата. Со новите два бода „црвено-црните“ ќе бидат на добар пат, групната фаза да ја завршат како првопласирани. 

 

 

Најново во Ракомет