ПИК СЕГЕД НОВ ТЕСТ ЗА ВАРДАРОВИТЕ СИЛИ

Чупиќ ја има победничката формула: Концентрирано и храбро до крај за нови два бода

По трите победи во низа, Вардар го очекува еден од клучните натпревари во Лигата на шампионите за пласман во следната рунда. Избраниците на Раул Гонзлаез со победа на гостувањето кај Пик Сегед ќе направат голем исчекор во групната фаза. 

објавено: 7 октомври 2017 - 11:00

Вардар со победа на гостувањето кај Сегед може да направи голем чекор во борбата за пласман во следната рунда. Иако европскиот првак зад себе има серија од три победи во новата сезона и позитивен скор против унгарскиот тим, сепак со голема претпазливост влегува на денешниот дуел. 

„Прв натпревар по Плоцк во гости, која значи борба за пласман, Сегед има слични амбиции како и ние и сигурно дека таму бодовите ќе значат многу бидејќи е еден од главните конкуренти за првите две места во групите и победа таму ќе има огромно значење. Познат противник, скоро секоја година играме со нив, тежок терен, но сите сме здрави имавме цела недела да се подготвиме и верувам дека утре ќе покажеме добар меч.

Овие неколку натпревари и во ЛШ и во СЕХА покажавме дека нашата 5-1 одбрана функционира одлично, со Арпад зад нас кој брани одлично и сигурно дека тука ја гледаме нашата шанса, додека вториот момент е нашата транзиција, брзото трчање. Сегед има неколку играчи кои играат само напад, неколку само одбрана и тука мора да ја искористиме шансата за лесни голови и да ги натераме што помалку простор да имаат за измени и да не ја формираат својата најсилна линија во одбраната. Знаеме дека ќе биде тешко, сите 60 минути според моето мислење нема ниту еден тим да се одлепи на поголема разлика, а и ако се случи тоа, се сè стига. Не чека неизвесен меч, мора да бидеме и верувам дека сигурно ќе се вратиме со два бода", изјави Иван Чупиќ.

Слично размислува и Вуко Борозан. Најдобриот стрелец на Вардар вели дека ги чека тежок меч, а дуелот ќе му припадне на оној тим кој повеќе ќе ја посакува победата. 

„Ова ни е до сега, а мислам дека ќе се потврди и за во иднина, најважен натпревар во групната фаза. Со оваа победа решаваме многу. Свесни сме колку е тешко да се игра во Сегед. Вистина е дека трета година во низа гостуваме таму, досега се радувавме, но секој пат беше тежок. Максимално се подготвивме и свесни сме колку значи тој меч.
Со оглед на тоа дека многу добро се познаваме како противници сметам дека дуелот ќе го добие оној кој повеќе ќе ја сака победата", истакна Вуко Борозан.

Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Вардар е закажан со почеток во 17:30 часот. 

Најново во Ракомет