ПОВРЕДИТЕ СЕПАК СЕ СЕРИОЗНИ

Циндриќ ја пропушта Висла, Мораес на подолга пауза?

Лука Циндриќ и Рожерио Мораес не само што дефинитивно ќе го пропуштат дерби дуелот против Металург во рамките на СЕХА-лигата, ќе мора да паузираат подолго. 

објавено: 31 август 2017 - 09:00

Проблеми за Раул Гонзалез пред стартот на новата сезона во СЕХА-лигата и Лигата на шампионите, каде Вардар е бранител на шампионската титула. Двајцата ракометари кои се повредија на Супер Глоуб ќе мора да бидат надвор од терените подолго од очекувањата.

Лука Циндриќ и Рожерио Мораес дефинитивно ќе го пропуштат дерби дуелот против Металург во рамките на СЕХА-лигата. Левиот бек кој заработи поткинат мускул на задната ложа на левата нога на мечот со Барселона, нема да настапи и против Горење и Мешков Брест, и е неизвесен и за стартот на Лигата на шампионите (17 септември) кога Вардар и гостува на Висла Плоцк во првото коло од групата А.

Циндриќ од две до три недели мора да одмора и да подлежи на терапии. 

Рожерио Мораес, чие колено исто така настрада против каталонскиот гигант, сериозноста на повредата и понатаму се утврдува. Неофицијално може да станува збор за повреда на менискусот, која ќе бара подолг третман, што значи и подолга пауза, но точна дијагноза во моментов нема.

 

Најново во Ракомет