ДОБРИ ВЕСТИ ЗА КЕЛЦЕ

Циндриќ се врати на тренинг, повредата на Алекс не е толку сериозна

Еден од главните ривали на Вардар во „трката“ за второто место во групата А, го консолидира тимот.

објавено: 12 февруари 2019 - 13:30

Полскиот првак Келце има сериозни проблеми со повреди по Светското првенство во Данска и Германија, а последниот пех им беше повредата на Алекс Душебаев уште во првото полувреме против Кристијанштад викедов.

Но, доза на оптимизам во екипата носи фактот дека средниот бек Лука Циндриќ, кој заработи повреда на бутниот мускул на СП, од вчера се врати на тренинзи. Според клупските информации Хрватот нема болки, но и натаму работи според индивидуална програма.

Прогнозите се дека тој би можел да биде подготвен за игра за гостувањето кај РНЛ на 20 февруари.

Уште една добра вест за Талант Душебаев е што најверојатно повредата на неговиот син Алекс, на мечот со Кристијанштад и не е така сериозна, како што првично се мислеше.

Клубот ги чека денешните резултати од магнетната резонанца, а добра работа во целата ситуација е што коленото нема оток, а болка чувствува само кога го движи странично. Доколку прегледите не покажат некое оштетување, тогаш отсуството на бекот ќе биде кусо.

Келце во моментов е на 4. место во групата А со 14 бода како и Веспрем, односно еден помалку од Вардар, кој е на второто место.

Најново во Ракомет