БРАВО МОМЦИ!

„ЦРВЕНО-ЦРНА“ ФЕШТА: Вардар со голема победа над Флензбург на чекор до фајнл-фор историја

Македонскиот првак обезбеди гостинска победа од 26:24 против Флензбург и со тоа се наоѓаат на чекор од пласман на фајнл-фор турнир

објавено: 22 април 2017 - 19:06

Македонскиот првак Вардар се наоѓа пред клупска историја и пласман на фајнл-фор турнир од Лигата на шампионите. „Црвено-црните" во еден маестрален меч славеа на гостински терен против Флензбург со 26:24. Нашиот тим демонстрираше квалитет како никогаш досега во претходните сезони и сега ќе му биде потребно на домашен терен, наредниот четврток, во вулканот СЦ „Јане Сандански" да не загуби.

Првото полувреме беше маестрално. Вардар уште во почетокот започна да „билда" предност.

Арпад Штербик имаше маестрален почеток стигнувајќи до четвртата одбрана, а повторно Душебаев во нападот реализираше прв пат за предност од два погодоци (3:1). Домаќиот не можеше да пронајде начин за да го пробие вардаровиот бедем, па така Врањеш уште во првата третина од полувремето се одлучи да побара тајм-аут. Тоа вроди со плод, бидејќи Германците направија напад по кој судиите досудија удар од седум метри. Егерт успешно го реализираше и намали на 3:2.
Но, тоа кратко траеше, Вардар демонстрираше одлична игра и преку Марсениќ кој истрча еден контра напад дојде и до 5:3 во 11. минута. Борозан за прв пат го тестираше својот „топ" во раката и тоа успешно (6:3). Домаќините набрзина се вратија на „минус" еден (6:5), но, Штербик и двата одлични напади донесоа за враќање на предноста од три голови на средината од првиот дел. Играта во двата правци функционираше одлично, а потврда на тоа стигна од Циндриќ кој зголеми на позитива од пет, а истиот ракометар донесе и до неверојатни плус пет (10:5).

Могесен го прекина постот од пет минути за домаќините и намали на 6:10. Следуваше серија на грешки од двете страни, а го прекина Циндриќ за 11:6 во 24. минута.

И покрај тоа што вардарци добија исклучување, Дибиров со своите препознатливи украдени топки, успешно реализираше контра напад за премиерна предност од шест голови (12.6).

Рожерио Мораеш покажа дека е големо засилување за Вардар и добрите игри во овој дел од сезоната беа препорака за Раул да го повика од клупата. Бразилецот одлично се намести пред линијата од шест метри стрелаше за 13:7. Мораеш со својот втор гол ја одржуваше предноста која во првиот дел изнесуваше од пет до шест погодоци.
Конечниот резултат по првите 30 минути изнесуваше 15:9.
Во второто полувреме, вардарци ја контролираа предноста која се движеше од петдо седум погодоци. И покрај тоа што домашните направија серија од три едноподруго голови (13:17), таа беше прекината од Дибиров, а Штербик на голот повторно имаше брилијантна интервенција.

Како што одминуваше времето Вардар ја контролираше разликата, а домаќините во немоќ се обидуваа да играат брз ракомет со цел да ја стигнат огромната негатива.

Со голот на Шнид, Флензбург намали на негатива од четири разлика од 17:21 во 44. минута. Повторно Дибиров ја прекина домашната серија, откако претходно тренерот Гонзалез го побара и својот втор тајм-аут во краток период.

Судиите едноставно не беа на нивото на еден ваков натпревар и имаа константни грешки на двете страни.
Во средишницата од вториот дел, вардарци имаа неколку нереализирани напади, додека, противникот тоа знаеше да го искористи и намали на 20:23 во 49. минута. Предноста на нашиот првак полека се топеше откако Мае погоди по еден одличен напад (21:23).

Кризата во нападот ја прекина Душебаев за враќање на самодовербата и водство од 24:21.

Првакот се стабилизира и повторно благодарение на Штербик играше колку што беше потребно. Со голот на Душебаев од девет метри, предноста на „црвено-црните" изнесуваше 26:22 во 54. минута.

Гландорф со вториот гол, повторно го донесе Флензбург на негатива од минус два (24:26), што воедно на крај се покажа дека тоа е и конечен резултат.

Штербик на крајот стигна до бројката од 16 одбрани, додека Циндриќ и Дибиров постигнаа по пет погодоци. Најефикасен на мечот беше Јакобсен со шест погодоци во мрежата на нашиот чувар.

Како што спомнавме, реваншот се игра наредниот четврток, во СЦ „Јане Сандански" со почеток од 19:00 часот. Нека тоа биде и меч по кој ќе се слави првиот и историски пласман на Ф4 турнирот од најелитното клупско натпреварување.

Најново во Ракомет