УТРЕ Е НАШ ДЕН - НАЈАВИ КРУЖНИОТ НАПАЃАЧ НА ВАРДАР

ЦВИЈИЌ: Дојдовме овде да изгинеме една за друга и да го однесеме пехарот дома

„Утре треба да биде наш ден и конечно тој трофеј да го донесеме дома! Не бараме ниту еден алиби, утре одиме на победа“ - најави големиот борец во „црвено-црниот“ табор, Драгана Цвијиќ

објавено: 12 мај 2018 - 20:24

Од Будимпешта,

Весна Николовска и Марија Ковачева

Првиот чекор кон целта, ЖРК Вардар го направи со пласманот во финалето на Ф4 во Лигата на шампионите, но се уште не го кажале последниот збор вардаровите ракометарки.

„Сите игравме, среќни сме поради тоа. Не му дадовме шанса на Ростов, имавме четири, пет, шест погодоци предност во еден момент. И кога бевме лоши во нападот, одговаравме добро со одбрана. Ростов е многу добра напаѓачка екипа, нашата одбрана беше феноменална, среќна сум и горда на овие девојки им благодарам што вечерва се чувствувам вака“, коментира Драгана Цвијиќ по мечот.

За неа ова ќе биде прво финале со Ѓер во дресот на Вардар, но таа е децидна.

„Ѓер рече дека не е подготвен ниту за Ф4, па денеска го победија Букурешт, кој немаше шанси во ниту еден момент. Не бараме ниту еден алиби, утре одиме на победа! Да го добиеме Ѓер, ќе дадеме се од себе. Дојдовме овде да погинеме една за друга, не да играме два натпревари и да мислиме дали ќе имаме сили или не. Утре треба да биде наш ден и конечно тој трофеј да го донесеме дома.“

Најново во Ракомет