ИСКУСНИОТ ГОЛМАН И СЕРГЕЈ САМСОНЕНКО СИ ПОДАЛЕ РАКА

Дарко Станиќ ќе биде новиот Штербик во Вардар, договорени уште две имиња

Дарко Станиќ од следната сезона ќе биде прв голман на европскиот и македонски првак. Српскиот интернационалец и Вардар потпишаа едногодишна соработка. Покрај искусниот голман „црвено-црните“ договорија уште две засилувања. 

објавено: 7 декември 2017 - 10:37

Вардар започна со составување на тимот за следната сезона. По серијата официјални заминувања, стигнуваат првите информации за новите лица во таборот на „црвено-црните“, едно од нив е некогашниот голман на Металург, Дарко Станиќ.

„Станиќ ќе биде решението за празното место меѓу диреците по заминувањето на Арпад Штербик, што, од друга страна, значи српски тандем на вардаровиот гол, заедно со Страхиња Милиќ.
Неофицијално Станиќ е веќе договорен на една година, со што добиваат потврда најавите дека пријателските релации меѓу Србинот и сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, ќе вродат со соработка, конечно, ќе се реализираат“, пишува „Македонски спорт“.

Вардар треба да се засили со десниот бек Дмитри Киселев и левиот бек Дмитри Санталов. Киселев (23 години), кој во моментов е дел од тимот на Санкт Петербург, ќе биде како поддршка за Даинис Кристопанс.

Санталов, пак, кој настапува за Чеховски Медведи, македонската публика сезонава имаше можност да го види во дуелите со Металург во групата Д во Лигата на шампионите. Рускиот репрезентативец беше прв стрелец за „мечките" на најсилното европско клупско натпреварување (55 гола), а корисен е и во двата правца.

Спортскиот директор на Вардар, Едуард Кокшаров, е задолжен за разговор со руските ракометари, а неофицијално преговорите се во завршна фаза.

 

Најново во Ракомет