ШПАНЕЦОТ СО ЕМОЦИИ И ПОЧИТ СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ

ДАВИД ДЕЈВИС: Вардар е кандидат за Ф4!

Дејвис ќе ги предводи и екс-вардарците Штербик, Манасков и другите во походот во Скопје, каде со Вардар ќе ја водат главната битка за втората позиција во групата А.

објавено: 12 февруари 2019 - 15:00

По четири години минати на клупата на македонскиот првак Вардар, како асистент на Раул Гонзалез, Шпанецот Давид Дејвис Камара, в сабота ќе се врати во СЦ „Јане Сандански", но сега како главен стратег на Веспрем.

Дејвис пред девет месеци ја напушти македонската престолнина, а од тогаш има две нови функции, едната е селектор на машкиот национален тим на Египет, а другата е предводник на унгарскиот вице-првак.

Дејвис ќе ги предводи и екс-вардарците Штербик, Манасков и другите во походот во Скопје, каде со Вардар ќе ја водат главната битка за втората позиција во групата А.

Шпанецот доаѓа со многу емоции, но и голем респект кон „црвено-црните".

„Едноставно имам убави чувства и се радувам на доаѓањето во Скопје! Поминав одлични години во Македонија со моето семејство и верувам дека ќе биде прекрасно да сум одново во 'Јане Сандански'", изјави за СПОРТМЕДИА, Давид Дејвис.

Што се однесува до Вардар и она што го очекува на теренот, Дејвис вели:

„Вардар игра одлично сезонава, како на домашен терен, така и на гости. Вистински кандидат за Ф4. Да се победи Вардар во Скопје е комплицирана задача, особено поради фактот дека ракометарите играат со голема самодоверба пред својата публика, а и арената е преполна, фановите се секогаш со екипата", додава Дејвис.

Вардар и Веспрем играат в сабота, 17:30 часот, во СЦ „Јане Сандански" во „мечот на неделата" во ЕХФ Лигата на шампионите.

 

Најново во Ракомет