„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ПРЕКУ РОСТОВ ДОН ДО НОВО Ф4 ФИНАЛЕ

ДЕБИТАНТ ПРОТИВ ФАВОРИТ: Моментот на вистината за Вардар

„Цела сезона во 24-часа, ова го чекавме, за ова работевме..." – знаат да кажат ракометарките. Епа наши дами, во петтата и финална година нема повеќе што да се каже, начин на кој да се мотивира, едноставно е – излезете и имајте го последниот збор!

објавено: 12 мај 2018 - 16:30

Од Будимпешта,
Весна Николовска и Марија Ковачева

Последните 120 минути на нашиот елитен ЖРК Вардар во Лигата на шампионите и на Ф4 во Будимпешта ќе започнат да се одбројуваат попладнево, 18 часот, во второто полуфинале со руски Ростов Дон.

Дебитантот на една завршница во најсилното европско клупско натпреварување е пречката за вардаровите дами да обезбедат второ (во низа) финале и да се најдат на дофат до крајната цел – европската титула.

За „црвено-црните" овие натпревари се збогување со еден блескав Вардар, со македонските фанови, со Скопје кое им беше дом во изминативе години и со солзи... Но, желбата, целта, амбицијата и вербата е дека тие солзи ќе бидат радосници, затоа што Вардар, конечно, ќе го добие среќниот крај кој го заслужува и ќе го крене европскиот пехар. А, Лекиќ, Пенезиќ, Цвијиќ, Лејно... ќе си заминат како херои со златни букви испишани во македонската женска клупска историја.

Но, за сонот да стане реалност прво вардарки мора да го победат Ростов Дон во полуфиналето. Ривал со кој овие пет сезони во елитата се немаат соочено, додека единствениот натпревар им беше во предсезонскиот дел, односно на турнирот во Скопје „Трофеј Вардар" кога Русинките се радуваа во финалето.

И двата тима имаа различен пат за да стигнат до Будимпешта, а стратегот на Вардар, Ирина Дибирова тоа го гледаше како предност, што го истакна веднаш по ждрепката.
Нема сомневање дека Дибирова и Парондо имаат „сковано" тактика за како да се „преплива" Дон, но останува ракометарките да го покажат тоа на теренот.

Изминативе сезони гаевме надежи, и да ракометарките секогаш се враќаа со медал, но тоа се три бронзи и едно сребро. Време е за златен сјај!

Милуваат да кажат вардарки „цела сезона во 24-часа, ова го чекавме, за ова работевме..." Епа наши дами, во петтата и финална година нема повеќе што да се каже, начин на кој да се мотивира, едноставно е – излезете и имајте го последниот збор!

Најново во Ракомет