ДУЕЛОТ ВО НЕДЕЛА ИМА ШТО ДА ПОНУДИ

Дополнителна причина зошто не смее да се пропушти Вардар и Барселона

Македонскиот првак, Вардар во недела ја пречекува Барселона во рамките на седмото коло во Лигата на шампионите. Победникот од оваа пресметка ќе се издвои на врвот на табелата во групата А. 

објавено: 8 ноември 2018 - 15:40

На македонската ракометна публика не и беа потребни дополнителни причини за да дојде да го проследи мечот меѓу Вардар и Барселона. Ова е една од оние пресметки на која најмногу се „палат“ навивачите на „црвено-црните“, па токму затоа за рекордно време беа распродадени сите билети за седење, како и оние дополните 700 за стоење.

Победникот од неделната пресметка (17 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе се издвои на врвот на табелата во групата А, по шестото коло двата тима имаат скор од пет победи и само еден пораз. Вардар загуби на гости кај Келце, додека Барселона од Рајн Некар.

Како дополнителна причина поради која не смее да се пропушти овој дуел е фактот дека во Скопје се среќаваат екипите со најдобра одбрана по шест одиграни средби (Вардар има примено 155 гола) и со најдобар напад (Барселона има дадено 204 гола).

Македонскиот првак и каталонскиот гигант имаат одигра 13 натпревари, десет од нив завршиле во корист на Барса. Вардар има две победи, една во Ф4 во полуфиналето (26-25) кога стана шампион и една во соочувањата во групната фаза (27-24) лани во октомври во Скопје.  

Натпреварот е закажан со почеток во 17 часот, поради големиот интерес приодот кон паркингот на салата ќе биде затворен. 

Најново во Ракомет