НА ОСУМ ДЕНА ДО ДЕРБИТО, ОСТАНУВААТ УШТЕ МАЛКУ ПРАЗНИ МЕСТА

ЕХФ има што да сними: Билетите за Вардар - Рајн Некар се продаваат како „алва“

Натпреварот меѓу Вардар и Рајн Некар целосно ќе го оправда епитетот дерби на осмото коло во Лигата на шампионите. На осум дена до стартот, трибините во СЦ „Јане Сандански“ речиси се распродадени, поголем дел од картите се за стоење.  

објавено: 10 ноември 2017 - 09:00

Натпреварот меѓу Вардар и Рајн Некар целосно ќе го оправда епитетот дерби на осмото коло во Лигата на шампионите. На осум дена до стартот останаа уште 1.000 билети во слободна продажба, половина од нив се за стоење, додека трибинискиот дел во СЦ „Јане Сандански" речиси е распродаден, тешко може да се најде добро место за гледање. За потсетување картите за седење се продаваат по цена од 350 денари, додека оние за стоење чинат 150 денари. 

Ова ќе биде втор меч сезонава, во кој европскиот и македонски првак ќе има максимална поддршка, која ќе биде повеќе од потребна. Доколку и Вардар и Рајн Некар, викендов дојдат до двата бода против ППД Загреб, односно Барселона, победникот од овој дуел ќе направи важен чекор кон врвот на табелата, на кој и натаму му припаѓаат на „црвено-црните“.

Пред речиси три недели, ЕХФ на својата официјална страница најави дека ќе биде гостин токму на оваа средба, па претставниците на Европската ракометна федерација заедно со популарниот коментатор на ЕХФ, Том Обраниган ќе има што да снимат и секако да коментираат.

Пред оваа средба, Раул Гонзалез и неговите избраници му гостуваат на ППД Загреб во рамките на седмото коло, дуелот се игра утре со почеток во 20 часот.    

 

 

Најново во Ракомет