НЕПРОФЕСИОНАЛИЗАМ

ЕХФ направи „каша попара“: Вардар победил во Сегедин, Томовски не влегол во игра

Европската ракометна федерација од коло во коло е се понепрофесионална. Во официјалната статистика за дуелот меѓу Пик Сегед и Вардар стои дека македонскиот тим победил со 26-27, додека пак дека Мартин Томовски не влегол во игра.   

објавено: 9 октомври 2017 - 11:20

Им нема крај на грешките на Европската ракометна федерација. Мина четвртото коло во Лигата на шампионите, а непрофесионализмот и натаму е главна одлика на ЕХФ, на кого дефинитивно не можеме да се потпреме.

Ова коло се чини го достигна врвот, направи вистинска „каша попара“. Ако се водиме според официјалната статистика Вардар на гостувањето кај Пик Сегед славел со 26-27. Сето ова ќе беше добро да беше вистинито, македонскиот тим ќе останеше сам на врвот во групата А, но победничката серија на избраниците на Раул Гонзалез заврши токму во Сегедин каде одигра нерешено 26-26.

Ова не е единствениот кикс барем кога станува збор за македонските екипи. Мартин Томовски кој имаше две клучни одбрани од седум метри против Мотор, во статистика не постои. Голманот на Металург не влегол во игра, а на другата страна украинскиот тим пак нема утка од седмерец.

Вистинските љубители на ракометот, кој ги следат постојано останатите натпревари, веќе бурно реагираа низ социјалните мрежи. Грешка имаше и во статистиката за средбата меѓу Кристијанштад и Рајн Некар. Македонскиот репрезентативец, Филип Талески стои дека има четири гола од исто толку обиди, но вистинската е поинаква. Тој има четири гола, но од осум обиди.

На крајот се прашуваме кој ли е задолжен за официјалните статистики по секој завршен натпревар и колку ЕХФ внимава на овие извештаи? Ова не би требало да се повтори особено не од една европска ракометна федерација која има поставено високи стандарди и правила на однесување како за новинарите, така и екипите учесници.

Најново во Ракомет