ПО МЕСЕЦ И ПОЛ, „ЛАВОВИТЕ“ СЕ ВРАЌААТ ДОМА

Фановите на Рајн Некар подготвуваат „пекол“ за Вардар: Наполнете ги „батериите“, останатото е наше

По серија од девет гостински меча, Рајн Некар се враќа дома. Тимот за кого настапува македонскиот репрезентативец, Филип Талески првиот меч пред својата публика по долго време го игра токму против Вардар. Иако дел од фановите се бесни по синоќешниот пораз од Гопинген, сепак најавија пеколна атмосфера за европскиот првак.  

објавено: 24 ноември 2017 - 10:00

Рајн Некар влезе во серија од три порази. Пеколниот распоред, поточно напоредното одигрување на натпреварите од Лигата на шампионите и Бундеслигата, веќе се одразува врз играта на „лавовите“, кои по девет гостински меча, односно месец и пол се враќаат дома.

На почетокот на оваа турнеја, германскиот тим добро се држеше, запиша пет победи во двете натпреварувања, а по ремито со Барселона целосно падна. Најпрво загуби во домашното првенство, а потоа во Скопје беше целосно надигран, и на крајот одигра катастрофално на гостувањето кај Гопинген. 

Прв гостин во Манхјам ќе биде токму Вардар. Иако фановите по синоќешниот пораз беа бесни на ракометарите, сепак најавија дека во недела ќе дојдат во голем број и ќе им дадат максимална поддршка на „лавовите“ на дуелот против европскиот првак. Сап Арената има капацитет 14.500 места, но на последниот меч од Лигата на шампионите со ППД Загреб не беше исполнета до последното место.

Рајн Некар, но и нивните навивачи се надеваат дека за два дена ќе успеат да ги наполнат батериите и во недела против Вардар ќе се вратат на победничките патеки.

Натпреварот меѓу „лавовите“ чиј дел е Филип Талески и македонскиот тим е закажан со почеток во 19 часот. 

 

  

Најново во Ракомет