Нашиот шампион обезбеди настап на фајнл-фор турнирот во Келн

ФЛЕНЗБУРГ Е ПРЕГАЗЕН: Вардарова фиеста за историја

„Црвено-црните“ имаа блескава претстава на домашен терен и со победа од 35:27 го најавија своето прво учество на фајнл-фор турнир од Лигата на шампионите

објавено: 27 април 2017 - 20:37

Вардар е на фајнл-фор турнирот од Лигата на шампионите. Македонскиот првак од четвртиот свој обид успеа да испише историја, откако го „прегазија“ Флензбург во четврт-финалето. Победа од на домашен од 35:27 и ако се додадат двата гола позитива од првиот меч, нашиот шампион едноставно беше за класа подобар од опонентот.

На крилјата на маестралната публика, вардарци имаа перфектна претстава. А сето тоа беше најавено со убедливиот почеток. По одбраната на Штербик, Борозан го даде првиот гол на денешниот меч. Додека, пак, Флензбург во третата минтуа израмни благодарение на погодокот на Егерт. Но, Борозан влезе мотивирано и повторно донесе водство за Вардар (2:1).

Штербик повторно брилјираше на голот, а во два наврати тоа го реализираше Шишкарев за 4:2 во шестата минута.

Одличната игра на „црвено-црните“ продолжи и во наредните мигови, па така на средината од првиот дел, нашиот првак имаше предност од 7:5.

Циндриќ за прв пат го „возеше“ Вардар до 9:6 во 20. минута, а потплн дебакл за Флензбург најави Душебаев кој стрелаше за 10:6 а на ваквиот развој на настаните, гостинскиот тренер Љубомир Врањеш реагираше со тајм-аут.

Во секој нареден напад, вардарци изгледаа далеку посигурно на теренот, а катастрофата на Флензбург не можеа да ја спречат ниту данските судии Гјединг и Хансен кои со неколку свои одлуки го тестрираа трпението на публиката, но, и на самите вардарови ракометари.

Сепак, по првиот дел, резултатот беше 15:10 во корист на „црвено-црните“ , кои едноставно „летаа“ на теренот.

Ван во вториот дел беше расположен кај гостите и со два свои погодоци му даде каква-таква надеж на својот тим, а Тофт Хансен намали на 16:13. Сепак, Рожерио Мораеш кој добива се поголема доверба од Раул Гонзалез, стапи на сцена и во 34. минута направи убав потег за 17:13. Но, Бразилецот веднаш потоа доби две минути исклучување.

Тоа не ги исфрли вардарци од игра, напротив претставуваше мотив плус за уште поубедлива победа. Циндриќ со два свои погодоци, односно одличниот Штербик ја вратија предноста од пет голови (21:16).

Флензбург повторно изгледаше изгубено на теренот, а нашиот тим максимално тоа го искористи.

Преку Душебаев поведовме со 23:17, а веднаш потоа Штербик повторно стапи на дело, за Борозан односно Марсениќ и Шишкарев дојде до 26:17 во 45. минута. Славјето може да започне.

Завршницата едноставно беше за уживање. Пласманот на Ф4 турнирот во Келн веќе беше обезбеден, но и тоа не ги подзабави вардарци кои доминираа. Штербик дојде до 10. своја одбрана.

Нападот беше едноставно блескав, а кога ќе постигнете толку голови против таков квалитетен противник, не може да се најде забелешка.

Конечни 35:27 со која Вардар демонстрираше квалитет од кој треба да се плашат наредните опоненти на претстојниот фајнл-фор турнир бидејќи нашиот тим само што ја започна својата фиеста.

 

Како што напоменавме, Арпад Штербик стигна до 10 одбрани, додека во нападот маестрален беше Лука Циндриќ кој даде седум голови од осум свои обиди.

Најново во Ракомет