И Германците ги одредија цените за четвртфиналниот меч

Флензбург сака полна „Фленс арена“ против Вардар, билетите ќе чинат 14 евра

Флензбург сака полна арена за четвртфиналниот меч против Вардар, во Лигата на ракометните шампиони, закажан за 22. април од 17,30 часот, а билетите воопшто не се скапи за германски услови и ќе чинат 14 евра, или околу 850 денари

објавено: 5 април 2017 - 09:57

Флензбург сака полна арена за четвртфиналниот меч против Вардар, во ракометната Лига на шампиони, закажан за 22. април од 17,30 часот, а билетите воопшто не се скапи за германски услови и ќе чинат 14 евра, или околу 850 денари. 

Германците имаат прекрасна сала, или „Фленс арена“ како што ја нарекуваат, а капацитетот е 6.300 места. Се очекува да биде полна на 22. април, кога доаѓа познатиот ривал, Вардар, на првиот од двата четвртфинални натпревари.

Пред 3 години, во речиси истите термини Германците со многу доза на среќа го елиминираа македонскиот шампион, благодарение на голот на Егерт во самиот финиш.

На домашен терен, на дуелот што се играше на 21. април, 2014 година, Флензбург победи со 24:22, а пет дена подоцна во Скопје, Вардар се реваншираше со пирова победа од 27:25. При израмнет вкупен резултат германскиот тим се пласираше на фајнал-фор турнирот, благодарение на повеќе постигнати голови на гостински терен, а потоа приреди сензација и ја освои титулата европски шампион.

Сега повторно ќе се игра по истиот распоред, но еден ден подоцна од пред три години и на двата натпревари.

Првиот меч во Германија е закажан за 22 април, во сабота, со почеток од 17:30 часот. Пет дена подоцна, во четврток, на 27. со почеток од 19:00 часот ќе се игра реваншот во Скопје.

Раководството на Вардар веќе ги одреди цените на билетите и тие ќе чинат од 200 до 600 денари. Најскапи се влезниците за А сектор, по цена од 600 денари. Централните трибини „вредат" 500 денари, додека позади голот цената на билетот е 400 денари. За стоење, ќе треба да се плати по 200 денари.

Најново во Ракомет