ЕВРОПСКИОТ ПРВАК ЈА „КРАДЕ“ ГОЛМАНКАТА НА ВАРДАР

Ѓер тргнува во мисија, Лејно по секоја цена

Амандин Лејно од следната сезона најверојатно ќе ја гледаме во дресот на бранителот на титулата во Лигата на шампиони, Ѓер. 

објавено: 29 јануари 2018 - 12:49

Амандин Лејно од следната сезона најверојатно ќе ја гледаме во дресот на бранителот на титулата во Лигата на шампиони, Ѓер. „Спортмедиа“ дознава дека унгарскиот тим е сериозно заинтересиран за услугите на Французинката, понудата веќе е испратена, челниците на овој тим чекаат одговор.

Лејно во таборот на ЖРК Вардар дојде во март 2013 година и заедно со Ина Суслина се незаменливи на голот на македонскиот шампион. Токму одличните и стандардни партии на репрезентативката на Франција беа повеќе од доволна причина за да Ѓер тргне по стапките на Веспрем, кој го земаа најдоброто од Вардар, Арпад Штербик.

Договорот на голманката со ЖРК Вардар истекува во 2019 година, но доколку Ѓер и челниците на „црвено-црните“ најдат заедничко решение таа од јуни може да стане член на унгарскиот тим.

Доколку овој трансфер се оствари, Лејно ќе биде втората ракометарка која ќе го напушти Скопје, откако претходно Александра Лакрабер и официјално потпиша за Флери. Ова се двете ракометарки кои со Франција го освоија златниот медал на Светското првенство.

Лејно својата кариера ја започна во 2003 година во дресот на Обенас, по кратко време замина во ХБ Бург. Во 2004 година замина во Мец, чиј дрес го носеше осум години. Пред да дојде во ЖРК Вардар беше член на тимот на Олчим Валчеа.

 

Најново во Ракомет