ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ ПРОТИВНИЦИТЕ НА ВАРДАР ВО ГРУПАТА

„ХЕТ-ТРИК“ ВО КЕЛН: Вардарци треба да минат познато, шампионско друштво

Нималку лесна задача нема да има Роберто Парондо во премиерната сезона како стратег на „црвено-црните". Преку пеколно тешки противници треба да се обезбедува директен пласман во четвртфиналето, а од таму и до „Ланксес арената".

објавено: 30 јуни 2018 - 11:30

Шампионско друштво во групата А ќе има македонскиот првак Вардар во групната фаза од новата сезона во Лигата на шампионите.

Вчерашната ждрепка во Виена донесе и атрактивни противници за „црвено-црните", но истовремено стана јасно дека нималку лесна задача ќе има Роберто Парондо во своето тренерско деби на клупата на Вардар.

Преку пеколно тешки противници (од кои четворица поранешни европски прваци) ќе се бара прво директниот пласман во четвртфиналето, а од таму и патот кон Ф4 во Келн на почетокот на јуни следната година.

КЕЛЦЕ – Ланската сезона вардарци одморија од Душебаеви, но сезонава одново ќе се соочат со нив. Сега тие го имаат и Лука Циндриќ. Ако досега дуелите меѓу Келце и Вардар беа интересни поради „врската" Раул и Талант, сега добиваат нова димензија, дуели на „ученик и учител" бидејќи Душебаев му беше тренер на Парондо во редовите на Суидад Реал и Атлетико Мадрид.
Трет пат Вардар ќе игра со полскиот тим во групната фаза. Со исклучок на ланската сезона, претходно три години во низа ги мереа силите. Во 2014/2015 Келце ги елиминираше во четвртфиналето, додека во групните дуели скорот е 2-2.

БАРСЕЛОНА – Во претходните сезони беше интересна поради тоа што нејзини играчи беа Кирил Лазаров и Борко Ристовски, а сега е затоа што ривалството веќе премина во традиција. Со исклучок на сезоната 2014/2015 нема сезона без овие два тима да не се соочат, најчесто во групната фаза. Сепак како епски остана дуелот во полуфиналето во Келн во јуни 2017 година, кога Вардар победи 26:25, а потоа ја освои и европската клуна. Во групните соочувања во последните пет сезони Барса има 4 победи, една Вардар (дома), додека еден меч завршил со реми.

МЕШКОВ БРЕСТ – Белорускиот првак е единствениот регионален ривал (враќањето на Веспрем во СЕХА се уште не е официјално потврдено) во групата. По пауза од година дена Мешков Брест повторно ќе го гледаме во Скопје во елитата. Во сезоната 2016/2017 одиграа 1-1, а Белорусите беа единствениот тим кој можеше да се пофали дека го победил Вардар во годината во која стана европски првак.

ВЕСПРЕМ – во Лигата на шампионите го немаме видено во Скопје од април 2016 кога во четвртфиналето го елиминираше Вардар. Сезоната ќе се врати со двајца екс-вардарци во тимот крилото Дејан Манасков и голманот Арпад Штербик. Претходно двата тима се имаат сретнато во групната фаза во сезоната 2014/2015 кога Унгарците забележаа две победи.

МОНПЕЉЕ – Актуелниот европски првак по вторпат во последните шест сезони ќе биде противник на Вардар во групната фаза. Екипите се имаат сретнато во 2014/2015, победа на Вардар дома и реми на гости (34:34). Но се чини дека малкумина се сеќаваат на тоа, бидејќи она што е најсвежо е поразот на „црвено-црните" од францускиот тим во полуфиналето на Ф4 во Келн на крајот на мај, 27:28, со голот на Диего Симоне во последните секунди. Сезонава имаат вардарци шанса да се реваншираат.

КРИСТИЈАНШТАД – Шведскиот првак е како резервиран за „црвено-црните" кога е прашање групната фаза во Лигата на шампионите. Од воведувањето на новиот натпреварувачки формат не може да помине сезона без овие два тима да се соочат во групата. 6-0 во победи има Вардар во досегашните дуели.

РАЈН НЕКАР ЛЕВЕН – И за бундеслигашот може да се даде иста констатација како за Кристијанштад. Трета година по ред „лавовите" од Мајнхајм се пречка на Вардар во групната фаза. Репрезентативецот Филип Талески одново ќе го гледаме во Скопје, а сега дресот на РНЛ ќе го носи и Илија Абутовиќ. Во досегашните дуели Вардар има три победи, две РНЛ, додека еден меч завршил со реми, ланскиот во Мајнхајм.

Најново во Ракомет