МЕТАЛУРГ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ДУЕЛОТ СО СПОРТИНГ ВО ЛШ

Јовиќ: Играчите да се трансформираат од мачиња во лавови

Помошник тренерот на тимот од Автокоманда, Александар Јовиќ, се надева дека со борбена игра може да се стигне до прва радост сезонава во Лигата на шампиони

објавено: 28 септември 2017 - 12:20

Металург се подготвува за дуелот од третото коло во Лигата на шампионите кога в сабота во „Борис Трајковски“ го пречекува тимот на Спортинг. Екипата од Автокоманда лошо започна во елитната лига и има два порази. Помошник тренерот, Александар Јовиќ вели дека веќе не треба да се бараат изговори, туку треба да се одигра храбро, иако противникот е фаворит. 

„Фаворитска улога е на Спортинг. Тоа е искусна екипа која игра добра одбрана и брза транзиција во напад. Ние сите заедно треба да ги исполниме нашите обврски кон клубот, кон публиката и кон сите поддржувачи. Треба да престанеме да се криеме зад лош ден, судии и треба да се трансформираме од мачиња во лавови. Да играме агресивно и беспрекорно во одбраната. И со борбеност да дојдеме до добра позиција во напад. Ако имаме добра игра тогаш без разлика на резултатот ќе бидеме победници“, рече Јовиќ на денешната прес-конференција.

На пресот го немаше првиот тренер на Металург, Лино Червар, кој е во Хрватска, каде има обврски со националниот тим на „коцкестите“. Сепак, Червар најавил доаѓање во Скопје за доцна вечерва или утре наутро, што значи дека хрватскиот стратег треба да биде на клупата на Металург за средбата против Спортинг.

Најново во Ракомет