КАТАЛОНЕЦОТ ВО РЕДОВИТЕ НА ВАРДАР ПОРАЧУВА

Кањелас: Чувствата настрана, со полни трибини можеме повторно да ја урнеме Барса

Вардар утре го пречекува каталонскиот гигат Барселона во битка за првото место во групата А. На овој дуел со посебни мотиви ќе влезе Жоан Кањелас, кој првиот професионален договор го потпишал токму со шпанскиот тим и е роден Каталонец.

објавено: 13 октомври 2017 - 09:25

Вардар утре го пречекува каталонскиот гигат Барселона во битка за првото место во групата А. На овој дуел со посебни мотиви ќе влезе Жоан Кањелас, кој првиот професионален договор го потпишал токму со шпанскиот тим и е роден Каталонец.  

„За Барселона играв три години, со овој тим го потпишав првиот професионален договор. Времето кое го поминав во клубот беше доста тешко за мене - бев млад и воопшто не играв, во составот имаше многу ѕвезди и беше тешко да изборам место.
Дуелите со Барселона секогаш се посебни за мене, се уште имам многу пријатели и соиграчи од националниот тим. Со текот на годините имам одиграно многу мечеви против овој тим, вклучувајќи ги оние за титулата.
Кога средбите се играат надвор тие се уште поспецијални за мене, бидејќи моето семество и пријателите доаѓаат да гледаат. Сепак ги оставам чувствата настрана и ќе дадам се од себе за да победиме", вели Кањелас.

Бекот вели дека очекува уште еден интересен натпревар, во кој Вардар може да излезе како победник, само со помош од трибините.

„Барселона има скоро ист тим како минатата сезона, добро знаеме колку се силни. Мислам дека имаат најдобрата одбрана, благодарение на нивните одлични голмани.
На Ф4 ги победивме во последната секунда, но на Супер Глоуб, имавме шанси, но сепак Барселона беше подобра во финишот. Што се однесува до нашите шанси во сабота, верувам дека ќе одиграме уште еден интересен меч. Се надевам дека со поддршка на фановите ќе дојдеме до двата бода и ќе го осигураме првото место“, завршува Кањелас.

Најново во Ракомет