НАЈТРОФЕЈНИОТ ДОАЃА НА ГОСТИ КАЈ ЕВРОПСКИОТ ВЛАДАТЕЛ

Ќе биде тешко и „жешко“ во Скопје: Вардар и Барса во трка за врвот

По четвртото коло во Лигата на шампионите, Вардар и Барселона имаат по седум бода на табелата. Каталонскиот гигант за кого настапува Борко Ристовски е пред македонскиот тим поради подобрата гол разлика, што пак е добра увертира за саботната треска во СЦ „Јане Сандански“ кога најтрофејниот европски клуб му гостува на актуелниот владател. 

објавено: 9 октомври 2017 - 10:30

Вардар не успеа да ја продолжи импресивната победничка серија во Лигата на шампионите. Избраниците на Раул Гонзалез на гостувањето кај Пик Сегед одиграа нерешено (26-26). Токму по ова реми и победа на Барселона на дуелот против Нант дојде до промена на табелата. Каталонскиот гигант има седум бодови исто како македонскиот тим и пред „црвено-црните“ поради подобрата гол разлика.

Ваквата ситуација на табелата во групата А е добра увертира за саботната треска во СЦ „Јане Сандански“, кога најтрофејниот европски клуб му гостува на актуелниот владател. Победа на една од двете екипи ќе значи голем исчекор за пласман во следната рунда, но и заземање на лидерското место. Реми не им оди во прилог ниту на Вардар, ниту на Барселона, бидејќи Рајн Некар е зад нив со еден бод помалку. Со триумф на домашен терен и реми во Скопје, германскиот тим чиј дел од Филип Талески бодовно ќе се изедначи со нив, па трката  за врвот на табелата ќе стане уште понеизвесна.

Барселона во СЦ „Јане Садански“ доаѓа со голем мотив и желба за одмазда, по поразот во полуфиналето на Фајнл-форот во Келн, кога Вардар стана европски првак. Раул Гонзалез и неговите избраници максимално ќе се подготват за оваа средба, на која очекуваат да имаат полни трибни.

Натпреварот се игра во сабота со почеток во 17:30 часот.

Табела: Барселона 7 бода, Вардар 7, Рајн Некар 6, ПИК Сегед 5, Нант 3, ППД Загреб 2, Висла 1, Кристијанштад 1

 

Најново во Ракомет