ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА БЕЗ ДАНИЛО БРЕСТОВАЦ ПРОТИВ МЕДВЕДИ

Ќе го „разбијат" ли малерот во Чехов?

„Металурзите" лани единствената гостинска победа ја имаа против Чеховски Медведи. 

објавено: 13 октомври 2018 - 11:00

Новата европска авантура ракометарите на Металург ја почнува денеска (15 часот) на гостувањето кај Чеховски Медведи во петтото коло од Лигата на шампионите. Тимот од Автокоманда на овој меч ќе биде без стратегот Данило Брестовац кој заработи суспензија од еден натпревар поради црвениот картон добиен на средбата со Силкеборг во минатото коло.

Во Русија „металурзите" ќе се обидат да го „разбијат" малерот, односно да стават крај на низата од четири порази во најсилното клупско друштво, а и на негативната серија која го следи тимот од почетокот на сезоната.
Металург, лани, единствената победа на гостински терен во групната фаза ја имаше токму кај Чеховски Медведи, па секако дека би било одлично ако се повтори историјата.

Но, за да се случи тоа потребно е Металург да одигра не само едно, туку две добри полувремиња. Таква слика чекаме веќе два месеци, па ако за се има првпат, тогаш нека се случи тоа во Чехов.

ЕГАЛ СО „МЕЧКИТЕ", ДВА – ДВА
Трета сезона во низа Металург се соочува со Чеховски Медведи во групната фаза од Лигата на шампионите и тоа во т.н. долно друштво. Резултатот е изедначен 2 – 2 во победи. Вистина е дека лани Металург блескаше на гостувањето во Чехов, но истата слика не ја репрезираше на дуелот во Скопје, па претрпе пораз. Година дена претходно во соочувањата двата тима во меѓусебните дуели се радуваа пред својата публика.

*Натпреварот меѓу Чеховски Медведи и Металург може да го гледате на Арена Спорт 1...

Најново во Ракомет