ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „МАКЕДОНСКИ СПОРТ“

Кристопанс: Во мојот град имаше само атлетика и ракомет, морав да се одлучам за еден спорт

Летонскиот репрезентативец Даинис Кристопанс, кој е единствениот нов ракометар на Вардар, во интервју за спортскиот весник „Македонски спорт“, открива зошто го одбрал ракометот, кои се неговите очекувања за новата сезона... 

објавено: 27 јули 2017 - 15:50

Единствениот спортски весник кај нас „Македонски спорт“ во денешното печатено издание и го претстави на јавноста новото засилување на Вардар, Даинис Кристопанс. Интересна е приказната на летонскиот џин околу изборот на спортот, тој потекнува од мало гратче, кое има 10.000 жители.

„Ракометот ми е сѐ. Давам сѐ за него од 10 години. Изборот беше едноставен. Во мојот град (Луца, гратче со 10.000 жители) имаше само атлетика и ракомет и морав да се одлучам за еден спорт, изборот беше ракометот. Така почна сѐ“, вели Кристопанс, кој на денешниот прв собир на европскиот првак ќе биде единственото ново лице во редовите на Вардар.

Највисокиот ракометар на денешницата (2.15) е решението на десната бековска позиција, на местото на Алекс Душебавев, кој по четири години во вардаровиот дрес, одлучи да ја продолжи кариерата во полскиот шампион Келце.

Летонецот ги пренесе првите импресии од Скопје. 

„Топлината беше првиот шок за мене, бидејќи не е толку топло во Летонија. Но сега сум ОК, се навикнувам на атмосферата. Ќе ми треба малку време, ама ќе бидам како дома", се смее Кристопанс и продолжува: „Што се однесува до салата, не сум првпат во салата, но уште учам по кој пат најбрзо се стигнува некаде. Со нетрпение го чекам за да ги запознаам новите соиграчи. Дел од нив веќе ги запознав, пиев кафе со Столе, со Дибиров и so Шишкарев, но другите, најголемиот дел од нив, ги знам само од теренот во меѓусебните дуели".

Кристопанс е свесен дека Вардар го чека уште потешка сезона, бидејќи сите сакаат да го победат шампионот. 

„Ќе имаме поголем притисок. Сите ќе сакаат да го победат шампионот и тоа ќе биде тешко за клубот. Двојно потешко за мене затоа што доаѓам во нов тим, а ракометот не е индивидуален, туку тимски спорт. Јас ќе имам еден месец време да се вклопам пред првиот официјален меч. Нема да биде лесно, но ќе работиме и мислам дека сѐ ќе биде добро и се надевам дека ќе почувствувам дел од таа шампионска радост".

Целосното интервју може да го прочитате во печатеното издание на „Македонски спорт“.

Најново во Ракомет