УНГАРСКИОТ ТИМ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ СО ГОЛЕМА САМОДОВЕРБА

Манасков ја „скрши“ Барса, Веспрем му испрати порака на Вардар

Македонскиот репрезентативец три од четиритe погодоци на средбата ги постигна во моменти кога се кршеше резултатот, а тој ја даде насоката на движење и го најави триумфот на Веспрем над Барселона, 29:26 (15:15)

објавено: 9 февруари 2019 - 19:05

Унгарски Веспрем со голема самодоверба следниот викенд доаѓа во Скопје, со оглед на тоа дека во првиот меч од продолжението во Лигата на шампиониите со 29:26 (15:15) славеше над Барселона во групата А.

Со ова тимот на Давид Дејвис му испрати порака на Вардар, дека подготвен доаѓа во Скопје за да се пресметаат за втората позиција.

Дуелот понуди неизвесност до 8:8, за потоа комплетната контрола над резултатот да има Веспрем, а главниот виновник за тоа беше македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, кој три од четирити погодоци на средбата ги постигна во моменти кога се кршеше резултатот.

Манасков биеше без грешка за да ја одржи разликата од два гола, 12:10, односно 14:12, а потоа му го донесе на унгарскиот тим и првото водство до три гола, 13:10, но на полувремето се замина со егал, 15:15.

Во второто полувреме Манасков остана на клупата со реализирани 4/5 погодоци од кои еден од седум метри, а на негово место на теренот беше Гајиќ, но и натаму домашните ракометари го имаа главниот збор.

Барселона се закани само еднаш, во 45 минута, откако Виктор Томас преку контра изедначи на 22:22, но нова интервенција на Миклер, значеше брзи +2 за Веспрем, 24:22 и расплетот беше јасен.

Во вториот дуел од групата А, кој се играше во ист термин, актуелниот европски првак Монпеље славеше над Мешков Брест, 29:23 (15:11) што е само втор триумф за Французите во Лигата на шампионите сезонава.

 

Најново во Ракомет