ТЕЖОК МЕЧ ЗА ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА

Металург може да вети само достојна борба против Монпeлје

По поразот од Чеховски Медведи на домашен терен, Металург денеска (19 часот) го пречекува лидерот во групата Д, Монпелје во рамките на седмото коло во Лигата на шампионите.

објавено: 12 ноември 2017 - 14:00

По поразот од Чеховски Медведи на домашен терен, Металург денеска (19 часот) го пречекува лидерот во групата Д, Монпелје во рамките на седмото коло во Лигата на шампионите. Квалитетот и силата е на страната францускиот тим, па на тимот од Автокоманда не му преостанува ништо друго освен да пружи достоен отпор. 

"Ни гостува екипата на Монпелје, добро позната и квалитетна екипа, која на сите позиции има одлични играчи. Сметам дека, по поразот од Чеховски Медведи, кој не ни беше во прилог, треба да и се оддолжиме на публиката за прикажаната лоша игра", изјави младиот голман на Металург, Мартин Томовски.

По шест одиграни кола, вториот македонски претставник во елитното натпреварување има скор од две победи, едно реми и три порази. Додека на другата страна Монпелје е без пораз, ги доби сите досегашни дуели во елитното натпреварување.

 Состави:

МЕТАЛУРГ: Арсиќ, Томовски, Анџелиќ, Димитриевски, Гуглета, Илиќ, Јагањац, Кузмановски, Лазаревски, Палевски, Пешевски, Петров, Серафимов, Танкоски, Токиќ и Велковски.

МОНПЕЛЈЕ: Афгур, Бинго, Бонефонд, Каусе, Фаустин, Жерард, Гигу, Кафтичник, Порт, Портнер, Ричардсон, Соуси, Туми и Трушановичиус.

Најново во Ракомет