ШПАНЕЦОТ СО МНОГУ ЕНИГМИ ПРЕД СТАРТОТ НА ЛШ

Недановски отпаѓа за Висла, Циндриќ ќе патува, Марсениќ и натаму „виси“

И натаму повредите се главен проблем за Вардар пред стартот на Лигата на шампиони. На гостувањето кај полскиот тим, дефинитивно нема да патува Владо Недановски. Добра вест е што со „црвено-црните“ ќе биде Лука Циндриќ, додека пак Мијајло Марсениќ и натаму е неизвесен. 

објавено: 14 септември 2017 - 09:20

Стратегот на Вардар, Раул Гонзалез и натаму има „главоболки“ кога станува збор за повредите. Со вардаровата експедиција за Плоцк дефинитивно нема да отпатува Владо Недановски, кој долго време е надвор од терените.

Добра вест е што Лука Циндриќ се опоравува од повредата. Левиот бек заработи поткинат мускул на задната ложа на левата нога на мечот со Барселона во рамките на Супер Глоуб. Последните информации се дека Циндриќ ќе патува за Плоцк, но не се знае дали ќе настапи против полскиот тим.

Ситуацијата со Мијајло Марсениќ и натаму е незивесна. Пикерот на вчерашната средба против Еурофарм Работник се здоби со расекотина на устата, поради која мораше да подлежи на интервенција. Поради комплицираноста на повредата, одлуката за Марсениќ дали ќе остане во Скопје ќе биде позната во петок.

Вардар за Полска патува во сабота наутро, дуелот со Висла се игра во недела со почеток во 19 часот.  

Најново во Ракомет