МАКЕДОНСКИОТ ВИЦЕПРВАК ВО ЕДНО ПОИНАКВО РУВО

„Новиот“ Металург на „тест“ кај „мечките“

Разликата од дуелот пред 20-тина дена со Чеховски Медведи е што Халил Јагањац не е веќе во тимот на „металурзите", но затоа премиера ќе има интернационалната бековска линија.

објавено: 4 ноември 2018 - 13:00

Тимот против кој го заокружија делот од групната фаза во Лигата на шампионите пред репрезентативната пауза, Чеховски Медведи, „металурзите" го пречекуваа денеска (17 часот) во СЦ „Борис Трајковски". Пред 20-тина дена Металург со пораз од осум гола (33:25) се врати во Скопје и со тоа ја продолжи серијата порази во групата Ц, односно и натаму не знае за радост во елитата.

Но, ваквата состојба на тимот од „Автокоманда" во најсилното европско клупско натпреварување треба да ја смени фактот што за разлика од претходниот меч сега ќе го нема хрватскиот репрезентативец Халил Јагањац, но затоа Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонзало Риберио ќе биде интернационалната бековска линија која премиерно ќе „пука" за Металург. Тие заедно со останатите ракометари треба утре попладне да го презентираат новиот лик на македонскиот вицепрвак.

"Гладни сме за победи. Чеховски Медведи се квалитетен противник, екипа која е физички далеку подобра од нас, но ги анализираме и ги бараме нивните слаби стани. Публиката и поддршката ни се потребни, па затоа ги молам навивачите да дојдат во што поголем број .
Работиме на создавање на друг, посилен Металург, сега ги правиме првите чекори и ќе одиме во нагорна линија и в недела се надевам дека ќе покажеме едно друго лице на Металург“, рече тренерот на Металург, Данило Брестовац. 

Трета година во низа Металург и Чеховски Медведи играат меѓусебе во групната фаза од Лигата на шампионите. Скорот е 3-2 во победи за „мечките" откако се радуваа пред својата публика во последното соочување пред неполн месец. Сега е редот на Металург да се изедначат сметките.

СОСТАВИ:

Металург: Томовски, Даниловски, Јагуриновски, Лазаревски, Димитриоски, Токиќ, Танкоски, Серафимов, Шпенде, Велковски, Рибеиро, Пучник, Миличевиќ, Маџовски, Стојановиќ и Арсеновски.

Чеховски Медведи: Санталов, Корнев, К.Котов, Андреев, Павленко, Куретков, Грушко, А.Котов, Осташченко, Карлов, Струшински, Василев, Фурцев, Маслеников, Каменев и Косоротов.

Судии на оваа средба се Андреј Грушко и Сергеј Репкин од Белорусија, додека делегат ќе биде Николае Визитиу од Молдавија.

Најново во Ракомет