ШАМПИОНОТ ПРЕФЕРИРА ШПАНЦИ

ОФИЦИЈАЛНО: Парондо е наследникот на Гонзалез

Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, како наследник Раул Гонзалез. 

објавено: 31 јануари 2018 - 10:38

Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, на местото на Раул Гонзалез, кој потпиша за ПСЖ.

По долго размислување и шпекулации челниците на клубот одлучија „кормилото“ на европскиот првак да му го доверат на сонародникот на Гонзалез, кој направи вистинско чудо со македонскиот тим. Парондо со Раул соработуваа во ракометната репрезентација, беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска.

Во моментов заедно со Ирина Дибирова го предводат ЖРК Вардар и се единствен тим во Лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.

Со назначувањето на Парондо за тренер продолжува низата од шпански стратези на клупата на „црвено-црните". Тој е поранешен ракометар на Валјадолид, Адемар Леон, Сиудад Реал, а има настапувано и за ПИК Сегед и Будакалаш, два тима од Унгарија. Со Адемар Леон го освои КПК во 2005, со ПИК Сегед го освои ЕХФ купот, а со Атлетико Мадрид го освои Супер Глоуб во 2012 година.

За репрезентацијата на Шпанија настапуваше на Медитеранските Игри во 2005 година (злато) и на СП во 2007 (7 место). Последен настап за репрезентацијата на големо натпреварување имаше на ЕП 2012 година во Србија каде Шпанците беа четвртопласирани.

 

Најново во Ракомет