Печат со реми, Висла Плоцк украде бод во Скопје

Македонскиот и европски првак го забележа првото реми на домашен терен, откако одигра без победник против Висла Плоцк (31-31).

објавено: 4 март 2018 - 18:33

Растеретени од притисокот наречен четвртфинале, ракометарите на Вардар одново одиграа топло-ладно, но овој пат тоа ги чинеше прво реми на домашен терен и тоа против Висла Плоцк (31-31). Избраниците на Раул Гонзалез одново имаа проблем со одбраната, имаа шанса за победа во самиот финиш, но тука свој удел имаа и судиите. Сепак ова реми и не боли бидејќи македонскиот тим е во четвртфиналето на Лигата на шампионите. 

И против полскиот тим најсилното оружје - одбраната потфрли. Вардар во првото полувреме прими лесни голови, противникот лесно го наоѓаше патот до мрежата на македонскиот шампион. По двете промашувања (Борозан, па Дибиров од седум метри), Висла го отвори мечот 0-1. До 15. минута се играше гол за гол, Висла направи серија од 3-0 и веќе во 19. минута поведе со највисоки плус три 7-10. 

Гонзалез мораше да менува, на голот застана Милиќ на местото на Штербик, а по неколкуте промашувања во серија на Шишкарев, Поповски доби шанса. Гостите одново имаа плус три (8-11), но тогаш Милиќ, а потоа Мораеш и Дибиров ги разбудија своите соиграчи. Вардар изедначи на 12-12 во 25. минута. Иако Висла повторно дојде на плус два, сепак оние кратки моменти на добра одбрана на полувремето донесоа 16-16.

Само три минути добра одбрана беа доволни за да Вардар дојде до првото водство на мечот 20-19 во 39. минута, откако направи серија од 3-0. На средината на второто полувреме, „црвено-црните“ ја имаа 23-22 иако дефанзивата повторно беше на ниско ниво. Полските ракометари лесно ја пробиваа одбраната (поготово Дуарте), додека на другата страна Вардар се мачеше за да го најде патот до голот. 

Новиот краток блесок, во креација на одличниот Дибиров (нова украдена топка, а потоа реализација) конечно Вардар во вистинско светло. По одбраната на Штербик дојде мајстрорски погодок на Карачиќ, во 50. минута влезе со највисоки плус три (27-24). Се чинеше дека ова е клучната серија за сигурна победа, на спротивната страна гостите вратија на ист начин (27-27 во 55. минута) и тоа во период во кој Карачиќ заработи исклучување.

Токму истиот играч го прекина налетот, со својот шестти погодок го врати водството 28-27. Даурате ја продолжи неизвесноста. По погодокот на Мораеш за 29-28, гостите не искористија напад, но тоа не го стори ниту Вардар. Циндриќ погоди седмерец на минута и пол (30-29), но на другата страна Абутовиќ заработи црвен картон, македонскиот тим остана со играч поалку, а Дуарте изедначи 30-30. И новиот погодок на Циндриќ не беше доволен за триумф, на другата страна истиот ракометар на Висла ги постави конечните 31-31.

Најефикасни кај Вардар беа Циндриќ со 7 погодоци и Карачиќ со шест. Европскиот првак ги заврши натпреварите во фазата по групи на првото место со 9 победи, три нерешени и два порази.

Вардар ќе има доволно време за одмор до четвртфиналните дуели, првата средба е закажана за 18 или 22 април.

Најново во Ракомет