ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА МЕНУВА СE

Поради настапот на Супер глоуб: Вардар му откажа на Веспрем, „виси“ и Скопје

Настапот на македонскиот и европски првак на Супер Глоуб 2017 ги промени сите претходни планови на Вардар. „Црвено-црните“ не само што го откажаа учеството на турнирот на Веспрем, под голем знак прашалник е одржувањето на „Вардар трофеј“.

објавено: 13 јуни 2017 - 10:56

„Слатки“ маки за Вардар. По освојувањето на шампионската титула во Лигата на шампиони, плановите на „црвено-црните“ целосно се променија. Поради учество на ИХФ Супер глоуб во Доха (25 – 28 август), македонскиот шампион мораше да го откаже турнирот во Веспрем (26-27 август), кој го организира унгарскиот првак во чест на 40-годишнината од своето постоење.

Но, гостувањето во Унгарија не е единствениот проблем. Од клубот веќе испратија известување до учесниците на „Вардар трофеј" во Скопје дека се принудени да го откажат овој турнир, кој беше најавен за периодот 16 до 19 август. На него, покрај вардарци, треба да настапат и Металург, унгарскиот вицешампион Пик Сегед, како и шведскиот првак Кристијанштад и словенечки Горење Велење.

До петок Вардар треба да дефинира дали ќе се игра „Вардар трофеј" или не. Единствен турнир кој останува во агендата на европскиот првак е оној во Гумерзбах, 12-13 август, кога, покрај бундеслигашот, ќе настапат и Рајн Некар Левен и Флензбург.

Најново во Ракомет