ДОЈДОВМЕ ДО САМИОТ КРАЈ

ПОСЛЕДЕН ТАНЦ: Вардарки се збогуваат со СЦ „Јане Сандански“

„Еве дојдовме до самиот крај во Јане Сандански, го играме последниот натпревар во овој состав, во Вардар. Многу е тешко. Оваа екипа заслужува полни трибини и затоа ги очекуваме навивачите, дека ќе ја наполнат салата и ќе ни пружат поддршка“, беше пораката на капитенот Јованка Радичевиќ во името на своите соиграчи. 

објавено: 14 април 2018 - 11:05

Последен европски танц на ѕвездениот ЖРК Вардар во СЦ „Јане Сандански“. Тажно, но за жал вистинито, дојде крајот на убавите денови во „црвено-црните“ редови. Денешниот (17 часот) реванш дуел од четвртфиналето против Митјиланд во Лигата на шампионите ќе биде посебен, исполнет со емоции...

Фановите на македонскиот шампион ќе имаат шанса на најдобар начин да ги поздрават ракометарките, кои од следната сезона ќе ги гледаме во други клубови, а силниот ЖРК Вардар ќе замине во историја...Ќе останат само спомените.

Токму распадот на овој тим ќе биде повеќе од доволен мотив, како што најавуваат ракометарките да се покажат во најдобро светло, а потоа во Будимпешта да го освојат пехарот и да стават крај на бајковитите години минати во Скопје. 

„Еве дојдовме до самиот крај во Јане Сандански, го играме последниот натпревар во овој состав, во Вардар. Многу е тешко. Оваа екипа заслужува полни трибини и затоа ги очекуваме навивачите, дека ќе ја наполнат салата и ќе ни пружат поддршка

Некоја од нас е тука четири, некоја пет години и секако дека ќе биде тешко и емотивно. Но, на теренот емоциите ќе бидат на страна, а ние ќе одиграме најдобро што знаеме и можеме. Митјиланд е екипа која се бори до самиот крај и игра максимално без оглед на се. Победивме со еден разлика во Данска, но не одигравме во рамките на нашиот квалитет, кој мислам дека е неспорен. Верувам во овој тим, верувам дека ќе се најдеме во Будимпешта бидејќи таму ни е местото и се надевам дека ќе направиме чекор повеќе.", во солзи истакна капитенот на ЖРК Вардар, Јованка Радичевиќ.

Најново во Ракомет