ДЕН ЗА РАКОМЕТНАТА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА

ПРЕД ТОЧНО 15 ГОДИНИ: Сите срца трепереа, Кометал ЃП стана европски шампион (ВИДЕО)

Денешниот датум, 19 мај 2002 година со златни букви беше испишан во историјата на женскиот ракомет. Кометал Ѓорче Петров го освои трофејот во Лигата на шампионите.  

објавено: 19 мај 2017 - 11:01

Пред точно 15 години, екипата на Кометал Ѓорче Петров го оствари најголемиот клупски успех во екипен спорт. На денешен ден, 19 мај, „кометалки“ ја направи македонската нација горда, го освоија трофејот во Лигата на шампионите.

Скопје „гореше“, во СЦ „Кале“ беше совладан составот на Херц-Ференцварош со 26:22 (вкупни 51:49), а Кометал Ѓорче Петров го подгина големиот пехар. Токму од тогаш, па наваму ниту една македонска екипа не успеа да го повтори овој голем успех. ЖРК Вардар беше близу оваа година, но во финалето не успеа да го совлада Ѓер.

Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Наталија Тодоровска, Валентина Радуловиќ, Андријана Будимир, Милена Велкова и ред други го оставија срцето на теренот. По поразот од два разлика во Унгарија сите очекуваа на реваншот во Скопје, Кометал да ја освои шампионската титула, а тоа и се случи. 25:22 на 10 секунди до крајот, со прекрасениот „цепелин" Индира Кастратовиќ и Будимир ја крунисаа таа прекрасна вечер за конечни 26:22 и целосен делириум во салата и во цела Македонија.

На овој меч за Кометал Ѓорче Петров настапија: Дину, Калиниченко, Кастратовиќ (10 гола), Платон (1), Велкова (5), Бујанова (4), Чупиќ, Будимир (2), Кисељова (2), Андрушенко, Нацева, Малахова (6), Плошницка, Златановска.

Кометал ЃП е најуспешната екипа во историјата на македонскиот ракомет, покрај титулата во ЛШ, има 17 титули во македонското првенство и 16 титули во Купот на Македонија. „Кометалки“ двапати играа во финалето на ЛШ. Во сезоната 1999/2000 во финалето загубија од Хипо, а во 2004/2005 година шампионскиот пехар заврши кај Шлагелсе.

Најново во Ракомет