БАРСЕЛОНА МУ ГО НАНЕСЕ ПРВИОТ ПОРАЗ НА ЕВРОПСКИОТ ПРВАК

Продолжува проклетството: Вардар падна во „Палау Блауграна"

Каталонскиот гигант му го нанесе првиот пораз на Вардар сезонава, откако на домашен терен го совлада со 29-28 (15-14)

објавено: 10 февруари 2018 - 19:30

„Палау Блауграна" и натаму останува нерешлива енигма за Вардар. Европскиот првак не успеа ниту во шестиот обид да ја совлада Барселона на гостински терен. Каталонскиот тим овој пат му го нанесе првиот пораз на европскиот првак сезонава, откако го совлада со 29-28 (15-14).

За разлика од претходните дуели во Шпанија, овој пат домашниот тим се мачеше за да дојде до двата бода, со кои фати приклучок во битката за првото место во групата А, кое и натаму е во соопственост на Вардар, но сега ситуацијата е поинаква. „Црвено-црните“ имаат само еден бод предност во однос на Нант (вечерва го победи Кристијанштад) и четири во однос на Барселона. 

Дефинитивно причината за поразот ракометарите на европскиот првак треба да ги бараат во бројните технички грешки, кои не останаа неказнети од страна на шпанскиот тим. 

Дуелот го отвори Вуко Борозан (0-1), Барселона за кратко поведе со 2-1, а потоа одново црногорскиот интернационалец погоди за 2-2. Домашниот состав поведе со 5-2, Вардар благодарение на одличниот Штербик кој во првото полувреме имаше девет интервецнии, се врати на 5-5 во шестата минута. По водството од 8-6 на Барселона, македонскиот тим направи нова серија овој пат за второ водство на мечот 8-10, во 19 минута. Водоството се менуваше, Штербик ги држеше во игра „црвено-црните“, на другата страна Жалуз со шест погодоци го предводеше домаќинот. Пред одморот Вардар остана без двајца играчи, а Барса замина на одморот со 15-14.

По погодокот на Циндриќ за 15-15 и одбранетиот седмерец на Милиќ (го прочита Ривера), Каталонците направија серија од 3-0 за враќање на највисокото водство кое го имаа во првото полувреме 18-15. 

Избраниците на Раул Гонзалез не ги искористија шансите за враќање, Ривера одновно промаши седмерец, но за првпат сезонава имаа премногу технички грешки. Барселона тоа го казнуваше, вешто ја одржуваше предноста од три гола. На средината на второто полувреме дојде на 22-19 иако играше со играч помалку. Во овој дел Перез де Варгас царуваше на својот гол. Во последните десет минути, Вардар влезе со негатива од четири гола (24-20). 

„Црвено-црните“ со голот на Карачиќ успеаја да намалат на 25-23 во 54. минута. И кога се чинеше дека Барса лесно ќе дојде до победата, Шишкарев намали на 29-28, но немаше време за да украде барем бод. 

Арпад Штербик имаше 14 интервенции, додека Кристопанс со седум погодоци беше најефикасен кај Вардар.   

Во следното коло, Вардар е домаќин на Пик Сегед, мечот се игра во недела.

Најново во Ракомет