ЗАВРШИ СЕРИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК

Прв пораз на Вардар сезонава во ЛШ

„Црвено-црните" ја прекинаа рекордната серија  од осум победи по ред во елитна европска лига

објавено: 26 февруари 2017 - 19:04

Македонскиот женски првак Вардар, го претрпе првиот пораз сезонава во Лигата на шампионите, откако во „Јане Сандански“ загуби од Будуќност со 28:31. „Црвено-црните“ ја прекинаа рекордната серија од осум победи по ред во елитната лига. Црногорскиот првак потворно беше кобен за „црвено-црните“, а Булатовиќ со 14 погодоци беше незадржлива. 

Будуќност во целост се реваншираше на Вардар за поразот во Подгорица од пред речиси еден месец, кога Вардар победи со 31:28. Речиси во текот на целиот меч гостите ја имаа контролата на резултатот. Вардар водеше само еднаш во текот на целиот меч и тоа со 4:3. На полувремето гостите водеа со 17:16, а во вториот дел имаа предност и од 24:20.

Вардар се обиде да стигне, успеа да израмни на 24:24, но потоа противникот повторно со мини серија ја врати позитивата и на крајот стигна до триумф.

Во пресрет на последните два меча од групата, вардарки остануваат лидери во групата. Следува дуел против Мец, а во последното коло од групната фаза и средбата против Турингер.   

Најново во Ракомет