ПОЛСКИОТ ТИМ Е ВО ГОЛЕМА КРИЗА

ПСЖ не случајно понуди четири милиони евра: Циндриќ го спасува Келце

Информациите кои доаѓаат од Полска велат дека Келце е во финансиска криза, ракометарите немаат земено плата од почетокот на годинава, а во новата сезона месечните примања ќе им бидат намалени за 35 отсто. 

објавено: 2 јули 2018 - 17:15

Лука Циндриќ е на добар пат да стане најскапо платениот играч во историјата на ракометот, доколку Келце ја прифати понудата од четири милиони евра на ПСЖ, каде тренер е Раул Гонзалез. За многумина оваа информација е чиста шпекулација, но доколку се потврдат најавите, во тој случај хрватскиот интернационалец наместо во полскиот тим ќе го гледаме во дресот на „светците“.

На големо се зборува дека Келце е во финансиска криза. Сопственикот на Келце, Бертус Сервас им најавил на ракометарите дека сезонава платата ќе им биде намалена за 35%, пари кои ќе им бидат рефундирани во платите за сезоната 2019/2020. Неофицијално клубот ги нема исплатено платите на ракометарите од почетокот на годинава, па се чини дека понудата од четири милиони евра за Циндриќ би можела да им заврши голема работа.

Средниот бек е желба на Гонзалез, а катарскиот емир Насер Ал-Келаифи кој има неограничени финансиски ресурси најверојатно лесно ќе ги исполни ова барање. Откако Келце ги одбил двете понуди од еден милион и милион и пол, одлучил да не штеди. Четири милиони евра е сума која може да реши голем дел од проблемите. 

 

 

Најново во Ракомет