ДЕБИТАНТОТ НА Ф4 ВО БУДИМПЕШТА ЦЕЛИ ВИСОКО

РОСТОВ ДОН СКРОМЕН: Целта е да се крене трофејот!

„Сите противници на Ф4, Вардар, Ѓер и ЧСМ Букурешт сме ги победиле во минатото. Не се плашиме", вели левиот бек на рускиот првак, Ана Сен

објавено: 9 мај 2018 - 14:30

Рускиот првак Ростов Дон, кој е противник на ЖРК Вардар во полуфиналето на Ф4 во Будимпешта во Лигата на шампионите викендов ќе дебитира на една „фајнал-фор" завршница. Како и останатите противници, така и Русинките имаат право да се надеваат и да го посакуваат европскиот трон, па иако според обложувалниците се трет фаворит (зад Ѓер и Вардар) тие немаат скромни погледи.

„И Ростов и јас како играч премиерно сме на еден Ф4 турнир, но размислуваме амбициозно. Нашата цел е да го кренеме трофејот. Сите екипи кои останаа во игра сме се на исто ниво како и ние. Сите сме ги победиле во минатото и нема од што да се плашиме", потенцира левиот бек на Ростов Дон, Ана Сен, која на теренот се врати во април, по скоро цела година пауза поради бременост.

Ростов е противник на Вардар во второто полуфинале на Ф4, а двата тима се соочија пред почетокот на сезоната на подготвителниот турнир во Скопје „Вардар Трофеј" на кој рускиот првак славеше.

„Вардар е добар, искусен и одлично комбиниран тим, кој секоја година е на Ф4. Потребно е да се подготвиме тактички, а мислам дека нашата предност е подобрата психичка кондиција. Ростов имаше подобар натпреварувачки ритам и тоа е нешто од што треба да профитираме", заклучува Сен.

Ростов Дон и Вардар в сабота (18 часот) во „Ласло пап" арената ќе одлучуваат кој ќе биде вториот патник во финалето од годинешното издание во Лигата на шампионите.

Најново во Ракомет