НАВРЕМЕНО Е ВКЛУЧЕН АЛАРМОТ

Се подготвува ли дански „грабеж“ во Скопје!?

Сопственикот на Вардар Сергеј Самсоненко најави дека можно е дури и да повлече од ракометот доколку судењето против германскиот Флензбург во четвртфиналето од Лигата на шампионите не биде на потребното ниво

објавено: 19 април 2017 - 19:10

Можно ли е Вардар да биде „ограбен“ во четвртфиналната битка против Флензбург, во ракометната Лига на шампиони? Ова прашање е се поактуелно, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши на реванш мечот во Скопје, на дуелот меѓу Вардар и Флензбург, бидат делегирани дански судии. 

Која е поврзаноста на германскиот тим со Данска? „Спортмедиа“ ви открива неколку „сочни“ детали.

Флензбург е тим чиј главен спонзор е данска фирма, а во екипата има неколку интернационалци од оваа земја. Дури и поголем дел од поддржувачите на Флензбург се дански навивачи.

Случајно или не, ЕХФ реши на реванш мечот во „Јане Сандански“ да делегира судии од Данска. Мартин Гјединг и Мадс Хансен треба да ја делат правдата на дуелот кој треба да го даде патникот на фајнл-фор завршницата. Како може од толку судии во Европа, токму дански арбитри се делегирани за средбата во Скопје?

Од раководството на Вардар навремено го вклучија алармот, па токму затоа и сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко излезе денеска на прес конференција и потенцираше дека е потребно да има фер и коректно судење. Самсоненко најави дека доколку судиите не бидат коректни и доколку судат на штета на Вардар, можно е Русинот да се повлече од ракометот. 

На денешната прес конференција Вардар ги покани челниците на РФМ, челните луѓе на СЕХА лигата, како и луѓето од ЕХФ, Драган и Марјан Начевски. Поканата на Самсоненко ја прифатила и на прес конференцијата се појавија првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, како и претседателот на СЕХА лигата, Михајло Михајловски.

Единствено братучедите Начевски не беа на пресот. Токму Драган Начевски е комесар за делегирање на судии во Лигата на шампионите. Останува дилема дали за реваншот во Скопје мораше да бидат делегирани дански судии, на германскиот тим кој е со многу дански примеси.  

Првиот меч од четвртфиналето во ЛШ се игра во Германија, кога Флензбург е домаќин на 22 април. Тој меч го судат Словенците,  Ненад Крстиќ и Петер Љубиќ. Реваншот е на 27 април во Скопје, кога Вардар ќе се обиде конечно да се избори за место на фајнл-фор завршницата во ракометната Лига на шампиони. 

Најново во Ракомет