ВРЕМЕТО ЗА СЛАВЈЕ ЗАВРШИ

Шампионите слетаа во Скопје, Вардар по подoлго време е комплетен

Вардар по подолго време тренира во комплетен состав. Во Скопје последни пристигнаа ракометарите на европскиот шампион, Арпад Штербик и Жоан Кањелас, тие од денеска ќе му бидат на располагање на Раул Гонзалез. 

објавено: 30 јануари 2018 - 11:30

Вардар беше еден од оние клубови кој на Европското првенство во Хрватска имаше најголем број на ракометари. Раул Гонзалез, Стојанче Стоилов и Мартин Поповски беа дел од македонската репрезентација, Мијајло Марсениќ го носеше дресот на Србија, додека Игор Карачиќ, Иван Чупиќ и Лука Циндриќ беа дел од хрватската репрезентација. Најдолг престој имаше Жоан Кањелас и неговата Шпанија, на која во двете главни битки и се приклучи Арпад Штербик. „Црвената фурија“ предводена од искусниот голман дојде до првиот златен медал на континенталните натпреварувања. И покрај ова Кањелас и Штербик немаа многу време за славје тие вчера слетаа во Скопје, а од денеска ќе им се приклучат на соиграчите. 

Раул Гонзалез и останатите момци веќе ги чекаат мечевите од СЕХА како загревање за она вистинското - продолжението од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ во четврток му гостуваат на Мешков Брест, а додека два дена подоцна ќе ги одмерат силите со Татран Прешов. 

Според програмата, Вардарци во недела се враќаат во Скопје и до првиот дуел од Лигата на шампиони, поточно гостувањето кај Барселона (10 февруари) ќе имаат доволно време за да се подготват.

 

 

Најново во Ракомет