ЗАВЕСАТА Е СПУШТЕНА, ЗБОГУМ ЖРК ВАРДАР

Сребро со златен сјај: Заминуваат како хероини

Како вчера да беше почетокот на овој ѕвезден ЖРК Вардар...

објавено: 14 мај 2018 - 17:48

Марија Ковачева

Како вчера да беше почетокот на овој ѕвезден ЖРК Вардар. За жал деновите брзо летнаа, годините минаа. Од сега па во далечна иднина ни преостанува само да се присетуваме на овој состав на македонскиот шампион, на деновите во друштвото на европскиот крем за кого сонуваа многу земји, а ние ги живеевме, свесно или несвесно, не помислувајќи дека некој ќе пресече и ќе каже ДОСТА Е.

Последниот поход на Европа не заврши онака како што сите посакувавме. Титулата во Лигата на шампионите останува неостварен сон, ЖРК Вардар не се искачи на тронот. Ѓер одново беше кобен за „црвено-црните" дами, секунди ги делеа од пехарот, но ете судбината ни скрои ваков крај, за поголем дел од јавноста несреќен.

Иако никој буквално не можеше да спие мирно по финалето, а уште помалку да ги собере импресиите, сепак едно е јасно - овие девојки ќе останат со ЗЛАТНИ БУКВИ врежани во нашите срца.

Лесно е да се суди од страна, но тешко е да се биде во нивна кожа. Солзите кои ги пролееја доволно говорат кој беше нивниот сон и низ се што минаа. Неколку месеци пред Ф4 кога буквално газеа сè пред себе, беа шокирани од одлуката на раководството за згаснување на ѕвездениот состав на тимот. Девојките мораа да го проголтаат ова, додека ја темпираа формата бараа чаре, но и начин како да останат фокусирани на Будимпешта и последниот европски танц.

Излегоа на теренот, гордо и мотивирано. Дел од нив покажаа дека ја сакаат Македонија дури повеќе од самите нас. Додека многумина коментираа дека немаат срце за титула, дриги веќе ги прогласија за шампиони. Среброто на нивните гради имаше златен сјај...

По исполнетите години со бројни натпревари, учества на завршницата во Лигата на шампионите, останува да им се заблагодариме на вардаровите лавици за прекрасните денови, за стресовите кои ни ги приредија, за победите кои ги забележаа...Поради нив ние Македонците бевме горди како нација - бевме во центарот на вниманието на ракометна Европа.

А што значи да си надвор од сите случувања ќе почувствуваме на своја кожа од следната сезона, СЦ „Јане Сандански" ќе биде посиромашен за еден голем тим...

„Спортмедиа" им се заблагодарува на сите ракометарки и им посакува многу титули - помалку солзи, тие во иднина да бидат радосници.

Најново во Ракомет