ФИНАЛНО ОДБРОЈУВАЊЕ ДО Ф4 ВО БУДИМПЕШТА

СРЕЌНА „ПЕТКА“: ЖРК Вардар со последна шанса да седне на европскиот трон

„Црвено-црните" се единствените дами кои секоја година се враќаат во Будимпешта и секогаш си заминуваат со медал, но никогаш со златниот.

објавено: 7 мај 2018 - 10:20

Петта сезона во низа сценариото за мај е исто – ЖРК Вардар на Ф4 во Будимпешта во Лигата на шампионите. На тој начин и целта на сезоната - да се биде меѓу најдобрите четири екипи во Европа е исполнета и останува само она, крајот го краси делото.

„Црвено-црните" се единствените дами кои секоја година се враќаат во Будимпешта и секогаш си заминуваат со медал, но никогаш со златниот. Тие се единствените кои може да се пофалат дека имаат „пет од пет", откако и се формираше „фајнал-фор" во женска конкуренција, но разликата од претходните години ја прави фактот дека сега е навистина крај.

Последната шанса да се седне на европскиот трон во „црвено-црниот " дрес е викендов, со оглед на тоа дека од почетокот на јуни сиот овој вардаров сјај ќе замине во историјата.

Не криеше ниту една од нив Лекиќ, Пенезиќ, Лејно...дека токму тој момент е мотивот плус да се даде се од себе за да се крене големиот пехар и на легендарен начин да се напушти Скопје, а како дополнителен фактор за таквата желба е и тоа дека дел од овие ракометарки воопшто нема ни да бидат дел од најсилното европско клупско натпреварување следната сезона.

По три бронзени медали и ланското сребро, екстра решителни се вардаровите дами да одат до крај сезонава. На патот во Будимпешта во второто полуфинале им стои рускиот првак Ростов Дон, кој премиерно е во Ф4 друштвото.

Полуфиналните средби се играат оваа сабота, додека финалето е следниот ден. Вардар со Ростов Дон ќе се пресмета со почеток во 18 часот. 

Најново во Ракомет