Убаво признание за ракометарите на Вардар и Металург

Талески и Борозан се топ пет дебитанти во ЛШ

Младата наша ракометна надеж се најде на високата позиција број два, додека одличната аквизиција на шампионот е петтопласиран во рангирањето на најдобрите дебитанти

објавено: 3 ноември 2016 - 16:30

Европската ракометна федерација ги одбра Филип Талески и Вуко Борозан меѓу најдобрите дебитанти во досегашниот тек од Лигата на шампионите. Македонскиот бисер на Металург и одличниот лев бек кој летово пристигна во Вардар во секој нареден натпревар имаа сè подобри претстави.

Борозан се најде на позицијата под број пет. Луѓето од ЕХФ напишаа неколку зборови за неговиот опис.

„Џинот од Црна Гора кој има 22 години веќе е сила на која може да се смета. Борозан со своите 203 см веќе играше во четири европски лиги и веќе игра и за репрезентацијата на Црна Гора. Борозан се врати во Скопје каде веќе играше за Металург во 2014 година, и силниот лев бек не потпиша само за да биде бројка во тимот. Има жесток шут од девет метри и ќе биде важно засилување на силната одбрана на македонскиот тим. Младиот бек веќе остави свој потпис во ВЕЛУКС ЕХФ лигата на шампионите и постигна седум гола по Мешков Брест во второто коло".

Талески, пак, е уште подобро рангиран. Членот на Металург котира на високото второ место.

„Македонската ѕвезда ја започна оваа сезона со стил. Талески постигна 13 од 18 голови на Металург во победата над Елверум. 20-годишниот лев бек кој е најдобар стрелец во својот тим е сметан за еден од најголемите таленти во државата. Два метри високиот бек ја започна својата кариера во Металург, каде што настапи во сите младински категории, пред потпишување на професионален договор. За Талески има уште простор за подобрување и на психичко и на тактичко ниво. Но, нема сомнеж дека ќе биде еден од најдобрите во иднина" пишува на сајтот на ЕХФ.

Во овој избор уште се најдоа и Лукас Нилсон (Кил) на четврто, Џери Толбринг (Кристијанштад) на трето. Додека, пак, на првото место е издвоен Недим Ремили кој е дел од Пари Сен Жермен.

Најново во Ракомет