НЕГОВАТА БЛЕСКАВА ПАРТИЈА НЕ БЕШЕ ДОВОЛНА ЗА ТРИУМФ

Томовски: Разликата можеби е висока, но резултатот не ја отсликува нашата игра

Второ очајно полувреме во кое ракометарите на Металург постигнаа само шест гола на крајот беа повеќе од доволна причина за нов пораз во Лигата на шампионите. 

објавено: 8 ноември 2018 - 21:16

Металург нема капацитет да одигра три меча во пет дена, што пак е главна причина за поразот од Спортинг Лисабон (24-31). Тренерот Данило Брестовац ги предупреди своите момци дека на овој меч мора да биде константно агресивни во одбраната, за жал тоа не се случи. Темпото падна по само едно полувреме. Во одлучувачките 30. минути ракометарите беа очајни во реализацијата постигнаа само шест гола. 

„Честитки за Спортинг, посебно за Скок кој имаше одличен натпревар. Мислам дека не нѐ надиграа, во овие два дена добро се подготвивме за мечот. Лично, за мене Спортинг има една од најубавите игри во нашата група во ЛШ. Ниту Татран, ниту Чеховски не даваат такви сигнали. Проблемот кај нас беше реализацијата. Млада екипа сме, мора и да бидеме агресивни во одбраната. Во моменти добро делувавме, но, сепак, пресуди таа реализација која беше на очајно ниво, посебно во второто полувреме. Ако ја бараме причината, во пет дена играме трет натпревар, но нема алиби. Од утре се враќаме на тренинзите. Четириесет и пет минути игравме меч со висок ритам и држевме контрола, сепак имаме уште многу за работа, имаме доволно време да се подготвиме за македонското првенство", вели Брестовац.

Поразот е уште потежок ако се додаде дека Мартин Томовски запиша 17 интервенции. Голманот на Металург блескаше, но бадијала кога немаше фидбек. 

„Противникот одигра на едно високо ниво. Ние отворивме одлично, имавме и предност во првото полувреме, но во вториот дел кога беше најпотребно промашувавме отворени зицери. Исто така, одличен ден имаше и противничкиот голман Скок. Спортинг ги искористи нашите слабости во клучните моменти и го приведоа мечот кон своја корист. Разликата можеби е висока, но резултатот не ги отсликува настаните на теренот и нашата игра“, рече Томовски. 

Најново во Ракомет