ПОБЕДА ЗА КРАЈ НА 2017 ГОДИНА

ВАКА ИГРААТ ШАМПИОНИТЕ: Шоу на Штербик, Вардар го прегази Кристијанштад

Вардар без пораз ќе презими во Лигата на шампионите. Ниту Кристијанштад не успеа да ги сопре Раул Гонзалез и неговите избраници, кои во последниот меч од оваа година славеа со убедливи 31-15 (14-8) и останаа единствени.  

објавено: 2 декември 2017 - 18:55

Доминацијата на Вардар во Лигата на шампионите продолжува. Сосема очекувано, европскиот првак на домашен терен го совлада Кристијанштад со 31-15 (14-8) во последниот меч од оваа година во Лигата на шампионите. Македонскиот тим по 10. коло остана единствен, без пораз, остварување кое широко им ги отвара портите кон четвртфиналето. 

„Црвено-црните“ ги наградија своите миленици со уште една моќна партија, како благодарност за поддршка во која уживаа во текот на целата година. Убедливиот триумф на Вардар беше повеќе од доволна најава дека и паузата нема да биде ништо поразлично.

И на овој меч главниот збор го имаше Арпад Штербик. Искусниот голман блескаше, секоја негова одбрана ги радуваше, но и истовремено ги растажуваше фановите на Вардар, бидејќи од следната сезона нема да биде на голот на првакот. Штербик мечот го заврши со 18 интеревенции од кои 11 во првото полувреме. Своја вечер имаше Тимур Дибиров, постигна 7 гола, зад него со пет погодоци беше Карачиќ. По четири гола имаа Чупиќ и Македа.

Вардар го отвори мечот, несигурно, на момците на Гонзалез им беше потребно време за да се разиграат. Дојдоа на 4-2, а потоа полека ја зголемуваа предноста, која на полувремето беше 14-8.

Со каков се арсенал располага Гонзалез и во нападот и во одбраната најдобро можеше да се види во второто полувреме, кое „вардарци“ го отворија со серија од 11-1. Ракометарите на Кристијанштад не можеа да припарат до голот на Вардар, а кога тоа ќе го стореа пред нив како планина застанува несовладливиот Штербик. Во 49. минута „црвено-црните“ дојдоа на плус девет 25-9. Вториот гол во овој период, гостите го постигнаа во 52. минута. 

Колкава ќе биде бодовната предност на Вардар во однос на најголемите конкуренти за првата позиција, ќе биде познато по завршување на мечот меѓу Нант и Барселона. 

Најново во Ракомет