НИТУ МАЖИТЕ, НИТУ ДАМИТЕ, ДОСЕГА НИКОЈ НЕ УСПЕА ДА ГИ УРНЕ

ВАКА СТОЈАТ РАБОТИТЕ: Вардаровите екипи се најдобри во Европа

РК Вардар и ЖРК Вардар се доминантни екипи во машка и женска конкуренција во Лигата на шампиони и немаат пораз во досегашниот дел од сезоната. 

објавено: 13 ноември 2017 - 10:25

Пишува: Марија Ковачева

Вардар стана доминантен европски бренд во Лигата на шампионите. Засега и РК Вардар и ЖРК Вардар се нерешлива енгима за противниците, двата тима немаат пораз во досегашниот дел од елитното натпреварување и се на лидерското место во своите групи.

„Црвено-црните“ се единствениот бренд кој успешно „гази“ и во машка и во женска конкуренција во Лигата на шампионите.

Раул Гонзалез и неговите избраници по седмото коло, имаат шест победи и само едно реми и го чуваат врвот во групата Б, но и сигурно чекорат кон одбрана на шампионската титула. Доминацијата на Вардарци се должи на одличната одбрана, македонскиот и европски првак тука е број еден. По седмото коло имаат примено 162 гола, бројка за која може да сонуваат големите имиња како Барселона, ПСЖ, Рајн Некар, Веспрем, Флензбург...Единствен тим кој можеби е близу до Вардар е Рајн Некар, нема пораз, но има три ремија, што пак не го прави ниту одблизу еднаков на македонскиот тим.

ЖРК Вардар и по петото коло е единствената екипа без пораз. Избраничките на Ирина Дибирова го минаа најважниот тест во Будимпешта, го совладаа ФТЦ и на едно коло пред крајот на групната фаза ги решија сители дилеми околу тоа колку бодови ќе пренесат во главната рунда. Својата доминација ракометарките на ЖРК Вардар им останува да ја потврдат на последниот дуел од групната фаза, овој викенд кога на домашен терен го пречекуваат Турингер.

Токму ваквата игра на „црвено-црните“ дами заслужува многу поголема поддршка, досега не постои друга европска екипа која може да се пофали со ваков скор. Што се однесува до РК Вардар, СЦ „Јане Сандански“ секогаш е исполнет особено за дерби дуелите. Полна сала се очекува во сабота кога нашиот тим го пречекува Рајн Некар на Филип Талески, со победа на овој меч, македонскиот шампион ќе се издвои зад гермнаскиот тим и Барселона, кои се најголеми конкуренти за лидерското место.

Најново во Ракомет