НА СЕДУМ ДЕНА ПРЕД ДУЕЛОТ, БИЛЕТИТЕ РЕЧИСИ РАСПРОДАДЕНИ

ВАРДАР Е МОТИВАЦИЈА: Арената „Плоцк“ ќе „крца“, шампионот го чека „пекол“

Европскиот шампион, Вардар одбраната на титулата во Лигата на шампионите ја почнува на гостувањето кај Висла Плоцк. Според најавите од полскиот тим трибините ќе бидат исполнети до последното место. 

објавено: 10 септември 2017 - 09:50

Ракометна Македонија и Вардар не се единствените кои одбројуваат до стартот на новата сезона во Лигата на шампиони. Фактот дека Раул Гонзалез и неговите избраници влегуваат како бранители на посакуваниот трофеј е повеќе од доволен мотив за противниците, но и за нивните фанови.

На една недела пред стартот на дуелот против Висла Плоцк (закажан за 17 септември) на гостински терен, најавите од полскиот тим се дека Арената „Плоцк“ ќе биде исполента до последното место. Оваа сала има капацитет од 5.494 места, а информациите велат дека уште многу малку билети останале во продажба. Инаку картите за дуелот со македонскиот тим се продаваат по цена од шест до десет евра. 

Дали полскиот тим навистина ќе има полни трибини или пак станува за шпекулации со цел да се „заплаши“ Вардар, останува да се увериме следната недела.

До стартот на оваа средба и Вардар и Висла ќе одиграат по уште еден меч, македонскиот тим ќе биде домаќин на првиот Супер Куп на Македонија закажан за вторник во 17 часот во салата во СЦ „Јане Сандански", за противник ќе го има Еурофарм Работник од Битола.  

Најново во Ракомет