„Црвено-црните“ со единствено остварување во ЛШ

Вардар е уникат во Европа

Двата „црвено-црни" ракометни колективи се на фајнл-фор турнирите од Лигата на шампионите и тоа е досега единствен пример откако се создадени завршните натпреварувања во најсилната ракометна лига

објавено: 28 април 2017 - 11:10

Вардар е уникат во Европа. Неприкосновениот шампион на Македонија во машка, односно женска конкуренција е првиот колектив во ракометната Лига на шампиони со двата свои тима успеал да се пласира на фајнл-фор турнирите.

Со вчерашната победа над Флензбург, „црвено-црните" за прв пат во својата клупска историја се пласираа на завршниот турнир од ова натпреварување. Турнирот во Келн кој ќе биде на 3 и 4 јуни за прв пат ќе пречека еден македонски тим. Ваквиот вид на завршница во најелитното клупско натпреварување кај мажите започна од сезоната 2009/10 кога Барселона се искачи на ракометниот трон во Европа.

ЖРК Вардар, пак, во константа изминативе три сезони се на Ф4 во Будимпешта. Така е и оваа кога турнирот во главниот град на Унгарија е закажан за 6 и 7 мај. Впрочем, токму од сезоната 2013/14 е формиран овој вид на натпреварувања кај дамите.

Вардарки во изминативе три години стигнуваа до бронзениот медал, додека победниците беа Ѓер (2014), Будуќност (2015) и ЧСМ Букурешт (2016).

Со самото учество на фајнл-фор турнирите РК и ЖРК Вардар со право се меѓу елитата во овој спорт. Но, во Келн и Будимпешта доаѓаат со само една цел – а тоа е да се освои Лигата на шампионите.

Најново во Ракомет