КРИСТИЈАНШТАД ИНТЕРЕСНО ГО ПРЕТСТАВИ ШАМПИОНОТ

Вардар го има „диригентот“ Гонзалез, кој одлично го води „црвено-црниот“ оркестар

Оваа сезона дефинитивно Вардар е единствениот тим на чија адреса постојано пристигнуваат најразлични комплименти. Последниот противник на европскиот првак во Лигата на шампионите за оваа година, Кристијанштад направи интересна споредба. 

објавено: 30 ноември 2017 - 19:00

Кристијанштад е последниот противник на Вардар во Лигата на шампионите оваа година. Шведскиот тим кој утре ќе допатува во Скопје, го респректира европскиот првак, но и доаѓа со големи амбиции. Последните две одлични партии против Пик Сегед и Вилска Плоцк ја зголеми самодовербата пред саботната пресметка со „црвено-црните“ во СЦ „Јане Сандански“.

Иако брендот Вардар е добро познат во Европа, не само поради титулата, туку и одличните партии во досегашниот дел од сезоната, сепак Кристијанштад детално, но и на доста интересен начин го претстави својот противник.

„Вардар е комплетен тим, има брзина, физички е максимално подготвен и е покриен на сите позиции. Европскиот првак го има Раул Гонзалез за тренер, кој е вистински диригент, знае како да го контролира својот „оркестар“.

Во составот го имаат одличниот Арпад Штербик, потоа Стојанче Стоилов, моторот Лука Циндриќ, одличниот стрелец Вуко Борозан, како и Иван Чупиќ и Тимур Дибиров.

За нас гостувањето во Скопје е голем предизвик, но и мотив дека можеме да дојдеме до изненадување“, ова е само дел од комплиментите на шведскиот тим.

Вардар во досегашниот дел од сезоната има скор од седум победи и два нерешени меча, целта на Гонзалез и неговите избраници е јасна - победа за заокружување на успешната 2017 година. Натпреварот е закажан со почеток во 17:30 часот, а билетите веќе одамна се пуштени во продажба.

 

 

Најново во Ракомет