РАУЛ ГОНЗАЛЕЗ НА РАСПОЛАГАЊЕ ЌЕ ГО ИМА ЦЕЛИОТ „АРСЕНАЛ“

Вардар ќе напаѓа со сета сила: Се враќаат Мораес и Македа

Вардар во најсилен состав ќе го пречека Кристијанштад. Во таборот на европскиот првак ќе бидат и Рожерио Мораес и Хорхе Макдека. 

објавено: 2 декември 2017 - 12:25

Последниот меч за оваа година во Лигата на шампионите, Вардар ќе го одигра во најсилен состав. Против Кристијанштад, стратегот на европскиот првак, Раул Гонзалез на располагање ќе ги има сите ракометари. Во составот на „црвено-црните“ ќе бидат двајцата повредени играчи Рожерио Мораес и Хорхе Македа.

Она што Бразилецот го најави за „Спортмедиа“ се оствари. Повредата на коленото не е сериозна и по пауза од само два меча во ЛШ и еден во СЕХА-лига, тој се враќа на теренот. За потсетување пикерот на Вардар на последниот тренинг пред дуелот со Рајн Некар во Скопје се здоби со повреда и на препорака на лекарите мораше да мирува.

Што се однесува до Македа, пред гостувањето во Манхајм тој се пожали на болки, а Гонзалез не сакаше да ризикува па го поштеди.

Вардар вечерва ја брка деветата победа во Лигата на шампионите, во СЦ „Јане Сандански“ гостува Кристијанштад, мечот е закажан со почеток во 17:30 часот.  

 

Најново во Ракомет